Дербито на колото во Милано заврши со триумф од 1-0 на Интер. „Нероаѕурите“ со многу среќа стигнаа до победа против Наполи.
Клучниот момент на мечот се случи на средината од второто полувреме кога Оспина задоцни со интервенцијата и го собори Дармијан во шеснаесетникот. Судијата досуди пенал а Инсиње поради протести доби црвен картон. Ромелу Лукаку ја изведе најстрогата казна и реализираше за 1-0.
И покрај тоа што гостите останаа со играч помалку, тие беа тимот кој напаѓаше до последна секунда, избраниците на Гатузо креираа три убави шанси, Хандановиќ во два наврати интервенираше, а Петања ја погоди стативата.
Милан врза два нерешни натпревари во низа, вечерва „росонерите“ одиграа 2-2 кај Џенова. Дестро два пати ги носеше домаќините во предност, но избраниците на Пиоли се враќаа преку Калабрија и Калулу.
На останаттие натпревари од 20:45 часот, Фиорентина и Сасуоло одиграа 1-1, нерешено 2-2 беше на пресметката помеѓу Специја и Болоња, Сампдорија со 1-2 триумфираше кај Верона додека пак на дуелот помеѓу Парма и Каљари немаше голови.