Откако по одржаното собрание ниту еден претставник на Борец не влезе меѓу четирите делегати што ОФС Велес ги има во Боранието на ФФМ, Кочо Анѓушев најави повлекување од клубот доколку не се поништи одржаното Собрание и не се одржи ново.
Тој смета дека Собранието е така наместено за претседателот на ОФС Велес, Лазар Ракиџиев кој е и потпретседател на ФФМ, да обезбеди четири гласови за првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.
Поддршка на Анѓушев најпрво му даде навивачката група Гемиџии, а сега со соопштение се јавија и фудбалерите на клубот.
„Деновиве сме сведоци на разни теми и случувања околу темата ФК Борец. Ние како играчи во клубот максимално стоиме и го поддржуваме нашиот претседател во сите одлуки. Воедно, упатуваме апел да не се стои на патот на успешниот проект кој ќе носи многу успех и радости во Велес и спортот, а секако најголем „виновник“ е компанијата Брако, која што има многу финансии за Борец да биде тоа што е денес. Ние како професионалци нашите обврски ги исполнуваме во целост и се подготвуваме за првенството во кое очекуваме голем заеднички успех на ФК Борец, градот Велес и секако нашиот дванаесетти играч, навивачката група „Гемиџии' која што дава максимална поддршка до нас и сопственикот на клубот. Целата ситуација не загрижува нас играчите, сите работници во клубот и навивачите. Се надеваме дека проблемот ќе биде решен во најкраток период и нема да останеме на цедило. За доброто на Велес, на ФК Борец и спортот. Велес е Борец, Борец е Велес“, велат фудбалрите на Борец.