Соопштение на ФФМ

ФФМ потврди: Собрание ќе има без промените во статутот кои ги бара АМС

Фудбалската федерација на Македонија со соопштение реагира на прес конференцијата на директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

ФФМ потврди дека собранието предвиденот за утре ќе се одржи без промените во статутот кои ги бара АМС. Соопштението ви го пренесуваме во целост:

„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се чувствува повикана да реагира по повод одржаната прес - конференција во Агенцијата за млади и спорт (АМС) од страна на директорот на управниот орган за млади и спорт, г-динот Дарко Каевски.

Фудбалската федерација на Македонија ги почитува и поздравува напорите, сугестиите, па дури и одредени предлози од страна на Агенцијата за млади и спорт во однос на евентуалната потреба за измени и дополнувања на Статутот на Фудбалската федерација на Македонија, а во насока на усогласување на Статутот на ФФМ со Законот за спорт.

Напоменуваме дека решението со кое се утврдени недостатоци, односно неусогласеност на Статутот на ФФМ со Законот за спорт не е конечно поради што до конечност на таквото решение не може да се пристапи кон спроведување на решението.

Без да ја претпоставуваме, односно да ја прејудицираме одлука на второстепената комисија која одлучува по поднесената жалба од страна на ФФМ против ваквото решение, ја известуваме јавноста дека во зависност од исходот на таа постапка ќе постапуваме во согласнот со одлуката која ќе биде конечна.

Доколку се потврдат наодите на првостепеното решение, како Фудбалска федерација на Македонија ве уверуваме дека веднаш ќе побараме формирање на комисија со претставници од УЕФА, ФИФА и Агенцијата за млади и спорт која ќе има обврска да направи потребни измени и дополнувања на Статутот на ФФМ за истиот да биде целосно во согласност со евентуално таквата конечна одлука на второстепената комисија.

Во однос на регуларноста на утрешното Редовно Генерално Собрание на ФФМ истакнуваме дека во целост е организирано во согласност со одредбите на Статутот на ФФМ. Изборот на претседател на Фудбалската федерација на Македонија е исто така во согласност со Статутот на ФФМ. Во текот на утрешниот ден, делегатите на Собранието на ФФМ кои ќе одлучуваат за идниот претседател на ФФМ се избрани во согласност со Статутот на ФФМ. Токму овие делегати се луѓето кои во идина, доколку има потреба ќе одлучуваат за евентуалните статутарни промени.

Барањето за измена на Статутот на утрешното Собрание во овој момент, на ден пред одржување на Собрание формално - правно е невозможно.

Конечно, како што детално е објаснето и во жалбата на решението, постоечкиот Статут на ФФМ е УСОГЛАСЕН со одредбите на Статутите на УЕФА и ФИФА, како и со одредбите на Законот за спорт и сите останати позитивни прописи во државата.

Напоменуваме дека начинот на претставување на фудбалските клубови и други фудбалски чинители потекнуваат од самото основање на Фудбалски сојуз на Македонија. Поради комплексната структура на фудбалската организација, клубовите се претставени преку Општинските фудбалски Сојузи кои се посебни правни лица. Општинските фудбалски Сојузи како такви имаат утврдени надлежности во фубалската организација.

На крајот, ја поздравуваме ангажираноста на директорот на Агенцијата за млади и спорт и сметаме дека целта која ја имаме е заедничка. Фудбалската федерација на Македонија како управувачко фудбалско тело во државата ќе продолжи да постапува во согласност со одредбите на Статутите на УЕФА, ФИФА, Законот за спорт и останатите позитивни законски прописи во државата", стои во соопштението на ФФМ.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе