Играчите кои беа прозвани по тешкиот пораз на Челси кај Манчестер јунајтед на отварањето од сезоната попладнево донесоа триумф на гостувањето кај Норич.
Со два гола на Абрахам и еден на Маунт, „сините“ стигнаа до три бода и му ја донесоа првата победа на Лампард во Премиерлигата.
Во возбудливи половина час игра, Абрахам донесе предност за гостите по само три минути игра. На асистенција на Азпиликета, напаѓачот прецизно биеше по земја за 1-0. Водството сепак траеше кратко, веќе во 6. минута Кантвел изедначи на 1-1.
Челси одговори десетина минути подоцна, Маунт по еден соло пробив реализираше за 2-1. Норич се врати и по втор пат и во 30. минута Пуки го совлада Кепа за 2-2.
„Сините“ во второто полувреме сепак дојдоа до ново водство кое го задржаа до крајот. Абрахам биеше од врвот на шеснаесетникот за 3-2.