Доминација во Ереван

Македонија ја прегази Ерменија со 5:0 (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација го одигра најдобриот натпревар под водство на Благоја Милевски, со убедливи 5-0 ја прегази Ерменија и ја задржа надежта за бараж. Прв хет-трик на Барди во дресот на Македонија.

Македонија до последното коло ќе се надева на втората позиција откако денеска ги освои трите бода од гостувањето кај Ерменија.
 
Нашата репрезентација одигра доминантен натпревар, беше подобра од Ерменија во целиот тек од мечот, момците на Милевски беа фокусирани од првата до последната минута и на крајот заслужено ѝ се радуваа на победата.
 
Не се чекаше многу за да биде отворен резултатот, во 22. минута Ашковски одлично се проби по десната страна, помина половина од ерменската одбрана, асистираше до Трајковски, на кој не му беше тешко да погоди и да ѝ донесе водство на Македонија од 1-0.
 
 
По дадениот гол Македонија не се повлече, продолживме да ја играме нашата игра, а тоа резултираше со нов гол. Во 36. минута Барди од далечина биеше прецизно за водство од 2-0. Тоа беше резултатот од првото полувреме.
 
 
Во вториот дел Ерменија се обидуваше да се врати во мечот, но македонските фудбалери не му дозволуваа на противникот да игра. 
 
Течеше 65. минута кога Барди беше фаулиран во шеснаесетникот на Ерменија од поранешниот вардарец Хамбарѕумјан, па судијата покажа на белата точка. Барди прецизно го изведе пеналот за водство на Македонија од 3-0. Тука стана јасно дека трите бода се наши.
 
 
Но тоа не беше сѐ од македонските фудбалери, во 80. минута, по асистенција од Елмас, Милан Ристовски влезе во одлична позиција и погоди за водство на Македонија и од 4-0. 
 
 
Кога се очекуваше дека тоа ќе биде конечниот резултат, Алиоски беше фаулиран во шеснаесетникот на Ерменија, Македонија доби уште еден пенал, Барди погоди од белата точка за свој хет-трик и победа на Македонија од 5-0.
 
 
Можеме да бидеме презадоволни од ова издание на македонските фудбалери, одиграа речиси совршен натпревар и славеа убедлива победа на терен на кој претходно ни беше тешко да играме.
 
В недела со почеток од 18 часот го пречекуваме Исланд во последниот натпревар од квалификациите за СП. Неопходна ни е победа, но за второто место треба да чекаме кикс и на Романија, која вечерва го пречекува Исланд, а в недела му гостува на Лихтенштајн.

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе