ЕВРО 2020

Дојде денот, нацијата гледа кон Букурешт, Македонија дебитира на Европско првенство

13. јуни 2021 година, датум кој ќе биде запишан во македонската историја, денеска со почеток од 18 часот на „Националната арена“ во Букурешт, Македонија ќе го одигра првиот натпревар на големите фудбалски турнири. 

Чекањето заврши, денеска ништо друго не е важно, цела Македонија ќе се сврти кон Букурешт за да го види дебито на нашите фудбалери на Европско првенство.
 
Момците предводени од Игор Ангеловски се подготвени да продолжат да ја радуваат македонската јавност, ветија дека нема да застанат тука, си поставија нова цел, пласман во нокаут фазата на големиот турнир.
 
Првата пречка ни е Австрија, селекција која добро ја познаваме, но за жал не по добро. Австријците двапати беа подобри од нас во квалификациите за ЕП, но отогаш Македонија го крена нивото, оствари неколку важни победи, ја подобри самодовербата и подготвена е за одмазда.
 
„Работат емоциите, во Македонија сите од фудбалери, навивачи, медиуми, цела јавност со нетрпение го очекуваме овој момент. И сега сме подготвени да го оставиме срцето за нови радости, зашто знаеме дека сите погледи се насочени кон нас“, свесен е капитенот Горан Пандев што значи денешниот натпревар за сите нас.
 
Селекторот Ангеловски нема проблеми со повредени фудбалери, освен Несторовски кој поради операција на коленото го пропуша Европското првенство, останатите се здрави и максимално подготовени за предизвикот. Спремен е и Енис Барди кој поради ковид-19 го пропушти најголемиот дел од подготовките во Скопје.
 
„Не може да скриеме дека не обземаат силни емоции сите во националниот тим. Јас можам само да му се заблагодарам на капитенот Горан Пандев и овие момци што нѐ доведоа сите да го живееме овој сон. Пресреќни сме што Македонија ќе може да навива за својата селекција на еден ваков голем собир и со тоа треба да сме горди. Треба да се гордееме што сме на ЕВРО 2020, ама не застануваме тука – сакаме уште повеќе“, вели селекторот Игор Ангеловски.
 
Во изминатите денови, но и во деновите кои претстојат, за Македонија во светот ќе се пишува како никогаш досега. Големите фудбалски турнири се местата кои ја нудат најголемата промоција на една држава. Нема ден, а во некој од светските медиуми да не излезе сторија за нашата земја, за Пандев, Елмас, Барди, Алиоски...
 
Фудбалерите се свесни за одговорноста која ја имаат врз нивните плеќи, но и доволно квалитетни и искусни за да се носат со неа.
 
Сите обложувалници, фудбалски стручњаци, фановите, а веројатно и противниците нѐ сметаат за аутсајдери, тоа е нормално, дебитанти сме, и на оваа смотра влеговме преку Лигата на нации, но таквиот статус ни одговара.
 
„Знаеме дека нѐ сметаат за аутсајдери на ова првенство, но нам тоа не ни пречи. Напротив, ни носи дополнителен мотив. Добро сме подготвени, одработевме добри подготовки и знам дека секој од фудбалерите со нетрпени ја очекуваме пресметката со Австријците“, смета Ангеловски.
 
И покрај пандемијата на ковид-19, многу Македонци отпатуваа во Букурешт за да ја поддржат репрезентацијата и во живо да бидат сведоци на првиот наш настап на Европските пренства, не се сомневаме дека на трибините ќе ги победиме Австријците, а се надеваме дека така ќе биде и на теренот. Среќно момци!
 
Р. Ѓ.
 

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе

За првпат во историјата на албанската демократија, една иста партија ќе биде на чело на земјата три последователни мандати. 

повеќе