Барселона и Атлетико Мадрид можат да влезат во правна битка за „случајот Гризман“. Французинот оваа сезона мечевите ги започнува од клупата за резерви, шанса добива во второто полувреме и на теренот поминува околу 30 минути.
Атлетико Мадрид има обврска да го купи напаѓачот за 40 милиони евра доколку тој има одредена минутажа, па на овој начин „колчонероси“ калкулираат за да не ги остварат условите договорено со Барселона.
Но неколку извори од Шпанија сега пренесуваат дека „каталонците“ различно гледаат на условите кои се договорени. Раководството на Барселона смета дека се работи за позајмица од една година, со можност да се продолжи на уште една доколку се исполнат одредени цели.
Клубот од Камп Ноу исто така смета дека опцијата за перманентен трансфер се активира доколку Антоан Гризман одигра повеќе од 50% од минутите во првата година, напаѓачот има одиграно 81%, па според нив, Атлетико веќе е обврзан да плати 40 милиони евра.
Атлетико Мадрид пак верува дека се калкулираат и минутите од втората година, па затоа Антоан Гризман сега на теренот не поминува повеќе од половина час.
Останува да се види дали двата клуба ќе најдат компромис или целиот случај ќе има судска завршница.