Барселона има финансиски проблеми, „каталонците“ минатото лето мораа да се откажат и од својата прва ѕвезда Лео Меси, па Жоан Лапорта и неговите соработници напорно работат за подобрување на ситуацијата.
Како што пренесуваат медиумите од Шпанија, Барса планира да прибере околу 650 милиони евра со две операции.
Првата е договор со ЦВЦ капитал и покрај тоа што минатото лето ја одбија соработката која Ла Лига им ја понуди и со која можеа да го задржат Лео Меси.
Преговорите сега се во напредна фаза и се очекува во клупската каса да се слеат околу 300 милиони евра.
Втората операција е продажба на 49% од Барса Естудиос за 350 милиони евра. Сепак, за оваа зделка има да се испеглаат уште многу детали. Се студира дали да се продадат само 30% или 49%, како и тоа Барса да добие опција да си го купи делот назад.
Со овие две операции ќе се отовори простор за ангажман на звучно име како Ерлинг Халанд, „каталонците“ очекуваат дека ќе бидат потребни околу 250 милиони евра (трансфер сума, провизии и платата на играчот) за ангажман на Норвежанецот.
Реал Мадрид и Манчестер Сити се двата ривали за потписот на Ерлинг Халанд и „каталонците“ особено стравуваат од конкуренцијата на „граѓаните“, кои имаат пари за трошење, и додатно се атрактивна дестинација поради присуството на Пеп Гвардиола.