СО ЛАДНИ ГЛАВИ ДО ГОЛЕМ УСПЕХ

Захариевски: Вардар има квалитет, АПОЕЛ може да падне во Скопје

Поранешниот фудбалер на Вардар, Срѓан Захариевски очекува тежок натпревар на „Филип Втори Арената“, вистинска битка за пласман во следното квалификациско коло од Лигата на шампионите и се надева дека македонскиот шампион ќе го победи АПОЕЛ и ќе ги израдува навивачите.

Срѓан Захариевски многу добро знае колку е тежок дресот на Вардар во европски натпревари пред полни трибини. Тој беше еден од јунаците во вардаровиот тим кои беа дел од натпреварите против ЦСКА Москва и Спарта Прага за кои долго се прераскажува.
 
Захариевски е свесен за силината на противникот, смета дека Вардар треба да остане доследен на својот стил на игра, да не експериментира, а доколку фудбалерите го издржат притисокот од трибините и во целост ја одработат договорената тактика, македонскиот тим може да се радува на успех.
 
„АПОЕЛ е многу незгоден противник иако според сите коментари по првиот натпревар тие не одиграа на некое задоволително ниво, тоа беше така затоа што Вардар не им дозволи. Нашиот тим играше сконцентрирано во одбраната која одигра одличен меч на чело со Томе Пачовски кој го одбрани сето она што неговите соиграчи пред него ќе го пропуштеа. Вардар во Кипар покажа зрелост, покажа квалитет и искуство" - вели Срѓан Захариевски за МКД.мк
 
„Но тие 90 минути се завршени, сега пред играчите на Вардар е најтешкото. Ако направиме една паралела со натпреварите кои ние ги игравме против ЦСКА Москва и Спарта Прага, тогаш потешките дуели ги одигравме на домашен терен. Кога играте на свој терен пред полн стадион, покрај со квалитетниот противник се соочувате и со желбата на навивачите да нападнете, да постигнете гол и да победите. Од една страна е притисокот од трибините, од друга страна се советите на стручниот штаб и тактиката која е договорена. Фудбалерите на Вардар не смеат да дозволат да ги понесе атмосферата, треба да одиграат со ладни глави, да бидат трпеливи, да го испочитуваат договореното во соблекувалната. Македонскиот шампион има искусни играчи кои можат да го направат тоа".
 
„Иако не дојде до израз, се виде дека напаѓачите на АПОЕЛ ја имаат брзината, особено се истакна Луис Леал кој создаде најмногу проблеми на нашата одбрана. Секое тргнување во офанзива на Вардар, беше потенцијален опасен напад на противникот".
 
„Очекувам тежок натпревар во Скопје. Вардаровите фудбалери треба да останат фокусирани во текот на сите 90 минути и со малку среќа, со некоја добра акција да се дојде до гол и до посакуван резултат. Вардар не треба да ја промени тактиката, стручниот штаб во текот на минатата сезона градеше една дефанзивна формација која функционира одлично, фудбалерите добро ја научија, знаат како да се движат, цврсти се, стабилни се, имаат искуство и мислам дека секој експеримент може да наштети. Му посакувам успех на Вардар на утрешниот натпревар, победа и да се радуваме на подолг престој во фудбалска Европа".
 
Натпреварот помеѓу Вардар и АПОЕЛ се игра утре на Филип Втори Арената со почеток од 20 часот. Доколку македонскиот шампион успее да дојде до посакуваниот резултат во следното квалификациско коло ќе игра со подобриот од дуелот помеѓу Митјиланд и Линколн.
 
Р. Ѓ.

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе