Интервју

Зафиров: Само за роденден спортот го комбинирам со торта, наместо со пилешко

Мотивиран, истраен, упорен, борбен, успешен и горд со себе. Накратко вака би можеле да го опишеме еден од најпознатите македонски бодибилдери Тоше Зафиров. Денес полни 42 години, а повеќе од половина живот му посветил на спортот. Со насмевка на лицето Зафиров вели дека иако повеќе од две децении тренира и внимава на исхраната, денес спортот ќе го комбинира со торта, наместо со зеленчук и пилешко, како што тоа вообичаено го прави.

Со поддршка на семејството, со упорноста што ја носи во себе, со истрајноста и воздржување од храна и пијалаци, со посветеност на спортот тој го достигна она место кое го има денес, да биде еден од најдобрите. Спортот го врзува и со работата како некогашен телохранител на поранешниот премиер, Никола Груевски, рекреативно како спортист што е посветен на бодибилдингот и го пренесува на новите генерации, но и професионално како натпреварувач што освоил голем број награди, признанија, медали, пехари...

Во неговиот живот клучна улога има семејството, а потоа и фитнесот во кој е вклучен 25 години. Тој е воедно и експерт за спортска и здрава исхрана и од него можете да добиете клучни совети кои ќе ви го променат животот и физички, но и психички. Со него зборуваме за успесите, за подемите, падовите, мотивацијата, проектите кои ги работи, но и оние што му претстојат.

Што значи 24/7 да мислите на своето тело и на тоа како да го изградите не само да биде визуелно мускулесто, туку и со критериуми што мора да се исполнат за да се вклучите во натпревар?

Од моја 17-годишна возраст веќе активно се занимавам со бодибилдинг и фитнес. Бодибилдингот е мој начин на живот и не би можел да се замислам без него да живеам. Бодибилдингот не е само спорт, туку уметност. Уметност затоа што треба да го изградиме своето тело до совршенство притоа внимавајќи да не ја изгубиме симетријата, бидејќи таа игра преголема улога за време на нашите натпревари. Во мојата кариера имам повеќе од 50 натпреварувања и голем број професионални тренери што работеле со мене. При секое натпреварување сум имал различен пристап на подготовки и учејќи сам од себе успеав да го најдам најдоброто за себе, така што поминувајќи безброј диети, тренинзи сега ми е многу полесно да можам да работам и со клиенти.

Пред некое време направивте нов проект во соработка со организацијата He Group. Од каде оваа соработка и што е замислата на ваквиот проект?

Скоро цел живот го работам ова и секогаш се трудам на некој начин да го пренесам на сите оние што сакаат да водат здрав живот. Секогаш се трудев да го пренесам тоа, но при наша случајна средба со дечките од He Grup поточно со Бруно во неврзан разговор дојдовме до идеја дека можеме да направиме еден заеднички проект. Во почетокот не знаев точно како сето тоа би изгледало, но кога почнавме да го формираме сајтот, видов дека тие се едни големи професионални крајно одговорни дисциплинирани точни и ги извршуваа сите задачи што ни беа договорени секогаш точно на време. Посебно ме радува што момците од He Grup имаат виза за во иднина, така што нашите визии едноставно се совпаднаа и мислам дека овој проект ќе биде еден голем успешен заеднички проект.

 

Во годинава што претстои ќе бидете дел од Мистер Олимпиа во Рим и претпоставувам дека веќе сте во големи подготовки за овој натпревар. Како изгледаат подготовките за овој натпревар и дали се тоа оние истите што ги практикувате секогаш кога заминувате да покажете до која мера сте го обликувале телото преку вежби и режим на исхрана?

Секој човек сонува и живее за нешто така и мојот сон е Mr Olympia Amateur, најголемото престижно натпреварување во областа на боди билдингот и фитнесот кое што ќе се одржува во Лас Вегас месец септември под покровителство на familijata Weider кои што се основачи на ова легендарно боди билдинг натпреварување кое што трае повеќе од 50 години. Поради сериозноста на ова натпреварување јас и мојата сопруга Габриела Зафирова веднаш по нашето натпреварување во Словенија каде што постигнавме исто така големи успеси без ни еден ден пауза со помош нашиот тренер Драган Пауновиќ, којшто живее и работи во Америка долги години и е тренер на најуспешните спортисти во Америка ги почнавме нашите подготовки. Еден сосема различен начин на подготовки, еден сосема различен начин на тренинг, сосема различен начин на одмор и кога сето тоа ќе се земе во целина за овие месеци јас сум презадоволен од формата што ја постигнав и се надевам дека во септември ќе ја имам мојата животна форма каде што ќе можам достојно да се претставам јас својот клуб својата држава мојата фамилија и сето ова што го работам скоро 2 децении да го крунисам со еден голем успех.

 Актуелни бевте и со предавања на кои можеа да се слушнат совети за здрава исхрана и за тоа како да се стави крај на дебелината. Ова беше реализирано преку Фит биз и преку Мотивациската академија. Што нудат тие?

Фитнес академи ни е заеднички проекти со Јосив Дамјанов, којшто го почнавме пред една година и навистина со еден професионален пристап професионални предавачи под покровителство на ИБФФ-федерацијата и нејзиниот претседател Душко Маџаревиќ успеавме да едуцираме и да сертифицираме многу млади луѓе што во иднина сакаат да се занимаваат со фитнес, но исто така и многу луѓе што едноставно сакаа да се надградат самите себе и да водат здрав живот. Фитбис академи е проект што е многу добро прифатен и со којшто сум посебно горд бидејќи му дадовме една сосема нова димензија на фитнесот во државава. Сите овие лиценцирани инструктори можат да работат и да ја претставуваат својата држава во повеќе од 85 земји. Следен проект е Motivation Academy-мотивациона академија, којашто исто така е во склоп на нашата веб-страница. Со Благоја, којшто е дипломиран психолог, би работеле за мотивација со многу индивидуи, спортски клубови, спортски федерации и сите оние што имаат потреба од спортски психолог, којшто им помогнал најпрво да се решат да го променат својот начин на живот, да си постават вистински цели во животот, а сите оние спортисти да го постигнат максимумот од себе и кога ги имаат најголемите падови да им помогнеме да се кренат толку високо и да бидат успешни и квалитетни спортисти, пред сè психички, а потоа и физички.

 

На новата страница Tosezafirov.com има совети, интервјуа со познати спортисти, како и простор во кој секој може да постави свое прашање до Вас. Какви содржини може да очекуваме на овој проект?

На нашата страница tosezafirov.com, покрај советите за исхрана и суплементи, покрај директните прашања што ќе можат да ми ги постават на мене лични и да им ги одговорам лично јас, покрај тоа би имале многу фитнес-совети и многу теми околу храната и нутрицијата. Но главен аспект и главна тежина исто така ќе ни бидат интервјуа со светски најдобрите спортисти. Неколку интервјуа веќе се направени како на пример со Кевин Леврон, Горан Пандев, Петар Челик, Самир Банут, Илија Бутовиќ, Наташа Андонова, Хади Чупан и многу други.

Тие ќе бидат постирани по едно интервју неделно така што нашите читатели од прва рака би дознале многу интересни нешта за светско-познатите добри спортисти. Главна тежина на нашиот веб-сајт би била продажбата на диети и планови за тренинзи. Диетите буквално би ги опфатиле сите групи на луѓе, од оние што сакаат да водат здрав начин на живот, па сè до оние што професионално сакаат да се занимавам со спорт. Имаме специјална диета за детоксикација и прочистување на организмот, којашто за 28 дена едноставно го ресетира вашиот организам и почнувате од нула, многу поздрави и спремни за нови предизвици.

Постојат голем број деца што денес имаат проблеми со дебелината поради неправилен начин на исхрана. Може ли накратко неколку совет за нив, за нивните родители, како и за оние што сакаат да почнат да се занимаваат со спорт?

Секогаш ја бараме причината во нашите деца, од коишто бараме да водат здрав начин на живот, здраво да се хранат, да спортуваат, а притоа ние како родители не погледнувајќи се самите себеси дали сме ние вистинскиот пример за нашите деца. Дали ние како главни херои на нашите деца стануваме наутро и јадеме здрав појадок и со тоа им даваме позитивен пример на нашите деца или пак се храниме нездраво, палиме цигара и притоа сето тоа се одразува на нашите деца, дали ние како родители имаме каква било спортска активност за од нашите деца да бараме и тие да спортуваат.

Јас како професионален спортист вината секогаш ја барам кај нас родителите и мислам дека ние самите треба да ја кренеме најпрво нашата свест и да бидеме вистински добри примери за нашите деца бидејќи ние сме нивно огледало.

Кога би можел да одбереш, што би избрал да бидеш денес, телохранител на познат лик и чиј, дел од Специјална единица или родител, сопруг и успешен бодибилдер како што си денес?

Кога би можел да го вратам времето назад, кога би можел да избирам дали би работел во специјалните сили во нашата армија, во специјалните сили на нашата полиција, или како обезбедување на високи функционери, би го одбрал ова што денес го работам. Професионален спортист.

Нема ништо посвето за еден спортист од тоа да постигнува успеси за својата држава да ја слушне македонската химна да го развиори македонското знаме да излезе на подиум со македонска песна промовирајќи ја македонската култура, македонскиот народ и сето она низ што сме поминале со векови и векови наназад. За мене спортот е света работа, знамето е света работа и на секое натпреварување додека можам, секогаш како оклоп ќе стои на мене.

Имаш ли најскапоцена награда меѓу многуте што ги освои до сега?

Во мојата долгогодишна бодибилдинг-кариера, којашто трае повеќе од 24 години имам освоено навистина премногу медали и секој медал си има своја тежина и посебно место како во мојата ветрина за медали, така и во моето срце. Од сите нив, можам да ги издвојам 2 што ми се посебно драги: едниот што го освоив и станав апсолутен шампион на Македонија во мојот роден град Неготино, каде што имав можност пред моето семејство, моите роднини, моите другари од детство, моите пријатели, и со сите оние со коишто израснав да видат како изгледа Тоше Зафиров на едно натпреварување. Во Неготино од преполнетата сала имав преголема поддршка и сè уште кога ќе помислам на тоа, морници поминуваат врз мене. Втората најдрага награда ми е победата на IBFF Hungary Pro, каде што по долги години професионално натпреварување успеав да победам со златен медал и да се запишам во историјата на победници на тие професионални натпреварувања.

Кои се идните планови ?

Моите планови за во иднина покрај двете големи натпреварувања, Мистер Олимпија Аматер во Лас Вегас и Мистер Универзум во Рим Италија, се поврзани со He Grup со кои што имаме навистина големи планови и идеи за во иднина така што сакаме полека нашиот веб сајт да го изградиме како еден светски познат веб сајт каде што ќе може буквално целиот свет да слушне за мене, за He Grup, за нашата држава и би застанале рамо до рамо со најдобрите светски сајтови од областа на фитнесот. Големи проекти, големи амбиции, но моето мото „Никогаш не се откажувај“ ќе ми биде ѕвезда водилка за да успееме во она што сме го замислиле.

Спортски совет за крај?

Сакам да ги мотивирам сите да ги следат своите соништа без оглед на тоа какви се, но исто така да сфатат дека фитнесот не е нешто што можат да го прават само најдобрите, туку дека секој може да се приспособи и да го имплементира во неговиот начин на живот. Фитнесот игра клучна улога во нашите животи без оглед на нашата лична кариера. Телото е храм, возило контролирано од вашиот ум, насочувано од вашите желби. Ако имате соодветно и ефикасно тело, тоа може да ви помогне да ги извршите вашите секојдневни обврски многу побрзо и поефикасно, а нашата визија е да обезбедиме секој да добие шанса да го направи ова своја реалност.

 

Катерина Додевска

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе