Неединството е болка во помалите спортски федерации

За два дена, два претседатели на Скијачката федерација на Македонија. Кој е вистинскиот?

Македонското скијање за два дена, на две различни собранија, доби двајца претседатели, битката за превласт во помалите спортски федерации не ги одмина ниту скијачите. 

На 2. март на Изборното собрание на Скијачката федерација на Македонија (СФМ) за нов претседател беше избран Дејан Пановски.
 
Според информациите од ова собрание, за Пановски гласале сите 13 присутни клубови. За време на изборот присуствувал и претседателот на МОК, Даниел Димовски, како и претставник на Агенцијата за млади и спорт.
 
 
„Како голем спортист, вљубеник во планините и скијањето и општо во спортот, максиманлно ќе се посветам и ќе дадам се од себе за конечно да имаме видливи позитивни резултати и напредок во овој спорт во нашата земја. Во наредниот период сите активности ќе бидат насочени кон унапредување на квалитетот на сите спортови при Скијачката федерација на Македонија, обезбедување на средства за млади-надежни натпреварувачи, усовршување на постоечките стручни кадри, како и популаризација и заживување на скијачките клубови а со тоа и зимскиот спорт во нашата земја“, изјави Дејан Пановски, по изборот.
 
Следниот ден, на 3. март, се одржа уште едно изборно собрание, на кое се собраа незадоволните клубови од актуелното водење на скијањето. Според нивното известување, девет од 17 клубови со право на глас го избраа Огњан Циговски за претседател на СФМ, а Јусуф Абдулаи за потпретседател.
 
 
„Целиот свој работен век активно сум вклучен во создавање на услови за унапредување на скијачките спортови и на Скијачката федерација на Македонија. Таа треба да ги штити интересите на сите клубови и да има комплетна транспарентност во трошењето на државните средства, средствата од спонзорите и ФИС. Зимските спортови не заслужуваат да бидат на маргините. Затоа ќе се залагам во својот мандат да успееме да достигнеме инклузивност на зимските спортови и наместо елитистички да ги направиме достапни за секое дете кое сака да се занимава со овие спортови, но и за лицата со попреченост како и за секоја генерација на спортисти. Благодарен сум на довербата на скијачките клубови и посветено ќе се заложам за исполнување на овие цели“, изјави Циговски.
 
Тие тврдат дека тие се легитимните водачи на скијањето во Македонија: „Вонредното Собрание беше закажано со поканите од 11.02.2021 година по иницијатива на повеќе од една третина клубовите на СФМ, значи пред редовното кое го закажа привременото раководство на СФМ. Покана за учество на Вонредното Собрание кое се одржа на 03.03.2021 година беше упатена до сите клубови членки на СФМ. Во интерес на спортот и изнаоѓање на заеднички јазик овие клубови присуствуваа на „редовното“ Собрание на 02.03.2021 година, но по обидот за незаконски избор на претседател надвор од Статутот, 12 клубови го напуштија ова Собрание, од кои 9 со право на глас бидејќи одбија да бидат дел од не статутарното работење наметнато од страна на претходното раководство предводено од Васил Сокле“.
 
Сега се очекува борбата за легитимност двете страни да почнат да ја докажуваат преку институциите на државата. 
 

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе