По катастрофалната трка во Австралија, Ферари беше на добар пат да се опорави во Шакир.Леклер и Фетел беа најбрзи на тренинзите а и го запоседнаа првиот ред во квалификациите.
Возачот од Монако лошо стартуваше и загуби две позиции, но експресно се врати во водство откако лесно се справи со Ботас и Фетел. Тој потоа почна да гради предност и се чинеше дека ќе се радува на првата победа.
Сепак, во втората половина од трката почнаа проблемите за Ферари. Најпрво Фетел се изврте во еден дуел со Хамилтон за втората позиција, а потоа се случи некаков дефект во болидот на Леклер, кој поставуваше времиња побавни за пет до шест секунди во однос на ривалите.
Па набрзо беше поминат од Хамилтон а потоа и од Ботас, двоецот на Мерцедес не ја пропушти укажаната шанса и стигна до еден-два победа во Бахреин. Мала утеха за Леклер може да биде тоа што на два круга пред крајот откажаа моторите на двајцата возачи на Рено, Хулкенберг и Рикиардо, трката заврши со возење под безбедносно возило, па тој го задржа последното место на пиедесталот и екстра бодот за најбрз круг.
Безбедносното возило го спречи Макс Верстапен да атакува на третото место, како и Кими Раиконен да атакува на позицијата на Ландо Норис (6. место). Себастијан Фетел, кој беше на позицијата број 5 не можеше да стори ништо во финишот.
Во бодови уште завршија и Пјер Гасли, Алекс Албон и Серхио Перез.