сабота, 4 мај 2024

Бајден повика на ослободување на сите американски новинари

Претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден повика на ослободување на сите американски новинари и порача дека новинарството не би смеело да биде злосторство никаде во светот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој, во изјава по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, наведе дека американските новинари Еван Гершкович и Алса Курмашева се уапсени во Русија поради работата за Волстрит џурнал и Радио слободна Европа.

„Новинарството не би требало да биде злосторство, никаде на Земјата“, кажа Бајден.

Курмашева, која има двојно американско и руско државјанство, од 18 октомври минатата година е во руски притвор обвинета дека го прекршила законот за таканаречените странски агенти, за кој критичарите тврдат дека Кремљ го користи за да сузбие каков било облик на несогласување.

47-годипшната Курмашева е обвинета и за ширење невистини за руската војска, и, ако биде осудена, ѝ се закануваат до десет години затвор.

Американската влада тврди дека обвинувањата се одмазда за нејзината работа како новинарка.

Гершкович е во притвор од март минатата година поради обвинувања за шпионирање, кои тој остро ги негира.

„На Светскиот ден на слободата на медиумите, САД повикуваат на итно и безусловно ослободување на сите новинари кои се ставени зад решетки бидејќи само ја работат својата работа“, кажа Бајден, спомнувајќи го Остин Тајс, американски фриленс новинар кој е грабнат и заробен во Сирија од 2012 година.

Бајден кажа дека неговата администрација наскоро ќе објави конкретни чекори како одговор на незаконското притворање новинари низ светот, нарекувајќи ја репресијата над слободата на печатот „сериозна закана“ за националната безбедност на САД.

Тој кажа дека ќе одобри мерки, вклучувајќи санкции и забрани за издавање визи „против оние кои преземаат злонамерни дејства да го замолчат печатот“.

„Денес и секој ден ја препознаваме нивната храброст, го поддржуваме нивното право да ја работат својата работа и стоиме со нив за слободата на медиумите“, порача Бајден.

Американскиот претседател не го спомна австралискиот новинар Џулијан Асанж, кој е во британски затвор додека чека судска одлука за американското барање за екстрадиција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ