Решението е едноставно, но...

Србија му кажа НЕ на Маленко и ги заштити македонските пливачи, но тоа не го прави и нашата држава

Српската пливачка федерација го одби барањето на Александар Маленко македонските пливачи да не настапат на митингот во Зрењанин, таа битка е добиена, но војната во пливањето продолжува бидејќи сè уште е игнорирана од македонските институции.

Македонските пливачи со медали и нови национални рекорди се вратија од Купот на Зрењанин, кој важи за еден од најсилните меѓународни митинзи на Балканот, но нашите спортисти до последен момент трепереа дали воопшто ќе им биде дозволено да пливаат.

Српската пливачка федерација овојпат ги игнорирала секојдневните повици на Александар Маленко, кој од името на непостојната Пливачка федерација на Северна Македонија повторно барал да им се забрани настап на македонските пливачи.

Србите, но и дел од другите балкански пливачки федерации, веќе сфатија кој е легитимниот претседател на македонското пливање и му ја затворија вратата на Александар Маленко, но македонските институции сè уште не го решиле проблемот од кој најмногу трпат децата, кои напорно тренираат.

На вонредното собрание што се одржа на 24.4.2019 година пливачките клубови во Македонија по легален пат, како што налага статутот на Федерацијата, го променија претседателот и на местото од Маленко седна Александар Филипчев.

Но и покрај фактот што ја нема поддршката од клубовите и работниците во пливањето, Александар Маленко паралелно основа „Пливачка федерација на Северна Македонија“, која легално не постои и со неа тој му прави голема штета на овој спорт.

Ваквата состојба во пливањето ќе продолжи сè додека државните институции го толерираат однесувањето на Маленко.

Агенцијата за млади и спорт сè уште одбива официјално да потврди дека Александар Филипчев е легитимниот претседател на пливањето во Македонија. Тие ја имаат клучната позиција за решавање на проблемот, но нивното недејствување го кочи расплетот на ситуацијата.

Претседателот на АМС, Дарко Каевски, неколку пати јавно му даде поддршка на Филипчев и изрази надеж дека ќе се реши состојбата во пливањето, но кога тоа треба и да се спроведе, тие молчат.

Александар Маленко во ФИНА и ЛЕН сè уште е заведен како претседател на македонската пливачка федерација. Тие ќе го променат него кога ќе бидат известени од Македонскиот олимписки комитет дека е направена промена во Федерацијата.

Од МОК пак велат дека кај нив сè уште фигурира Маленко бидејќи чекаат официјална потврда од Агенцијата за млади и спорт за извршената промена, а таа потврда никако да стигне.

Војната меѓу македонските пливачи и пливачки клубови од едната страна и Александар Маленко од другата страна трае долго и ќе трае сè додека не реагираат македонските институции. Тие се тие што треба му стават крај на овој апсурден проблем. А дотогаш нашите спортисти нема да можат спокојно да тренираат и да се подготвуваат за новите меѓународни предизвици.

Р. Ѓ.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе