Победите над Белорусија и Словенија не беа доволни за Македонија да се пласира во осминафиналето на Европското првенство.
Денеска нашата судбина ја кроеа Турците, требаше да ја победат Финска но не успеаа да го направат тоа, го загубија мечот, а по него ние сме потажни отколку тие.
Финска го доби првиот сет со 25:20, а потоа Турција се крена и ги доби следните два сета многу убедливо со 25:15 и 25:18, во тие моменти работите одеа во наша полза.
И во четвртиот сет Турција имаше водство, но финишот им припадна на Финците, тие го добија со 25:23 и мечот отиде во петти решавачки сет. Во тој доминираше Финска го доби со 15:12 и победи со 3-2.
Овој пораз не им смени ништо на Турците, тие останаа на третото место на табелата, но нас ни смени многу, ние не одиме во осминафинале.
И покрај тоа што натпреварувањето го завршивме во групната фаза, македонските одбојкари можат да бидат задоволни од прикажаното, покажаа дека имаат сила да се носат со најдобрите европски селекции и имаме штоф и за поголеми успеси во иднина.