Препреки, карантини, полициски час, но откажување нема

По макотрпни тренинзи во ера на ковид-19, Зафирови се првите Македонци што одат на Мистер Олимпија во САД

Уште еден месец ја испраќаме оваа 2020 година, која на сите ни донесе стрес и поинаков начин на живот. Во поинакви услови спортуваа и се подготвуваа за натпревар Габриела и Тоше Зафирови, брачната двојка што повеќе од 20 години се занимава со бодибилдинг.

Минатата година тие ја завршија со 20 пехари, меѓу кои и злато. Оваа година, ниту ковид-19 не ги спречи да ја завршат со натпреварување во САД. Наместо макотрпните и тешки исцрпувачки тренинзи да завршат во септември, тие продолжија до крајот на годината поради тоа што организаторите одлучија натпреварот да се одржи во САД, но во Флорида, а не во Лас Вегас.

Зафиров за МКД.мк вели дека иако условите во кои се одвиваат подготовките се поинакви од кога било досега, тој и неговата сопруга си се поддршка еден на друг и нема да се откажат.

„Секој си има свои соништа, а исто и јас. Мистер Олимпија е најголемиот настан што постои во светот на фитнесот. Растев гледајќи ги сите тие огромни билдери и замислувајќи си себеси како еден ден и јас ќе сум на таа бина. По 25 години напорна работа и вложен труд, време, енергија, дојде време јас и мојата сопруга Габриела да застанеме рамо до рамо со најдобрите спортисти од целиот свет на таа величествена бина“, вели Зафиров.

Еден од најдобрите бодибилдери кај нас додава дека подготовките се многу тешки, особено поради психичкиот притисок од карантини, заразени пријатели и роднини, што црпи многу од нивната енергија. Дополнителен стрес им е и поместувањето на датумот за одржување на натпреварот, но нивната цврста решеност да ја претставуваат државата во САД не ја поколеба ништо.

„Навистина беа тешки и макотрпни тренинзите за нас бидејќи и самата 2020 година беше многу тежок период. Нашите подготовки почнаа на први март и веднаш потоа се појави короната, којашто навистина одземаше голема енергија од нас со сите оние карантини, полициски часови и сите негативни појави што се случуваа од самиот почеток на пандемијата. Нашето официјално натпреварување Мистер Олимпија беше закажано за 14 и 15 септември, но поради коронакризата беше преместено за 15 и 16 декември во Лас Вегас. Секојдневно бевме во неизвесност поради карантините, а многу макотрпно работевме со нашиот тренер Драган Пауновиќ и имавме детално разработен план точно за утврдениот датум на Мистер Олимпија. Првата лоша вест што ни пристигна беше одложувањето од септември во декември. Тоа ни зададе уште 4 плус месеци макотрпна работа и тешки диети. Но поради големината на овој настан, енергијата вложена сиве овие години, мотивацијата што ја имавме, во ниеден момент не потклекнавме ниту психички ниту физички. Продолживме уште помотивирано со нов план, нова стратегија, за Мистер Олимпија во Лас Вегас. Пред извесен период дочекавме и уште еден шок, повторно поради коронакризата натпреварот беше преместен од Лас Вегас во Орландо, Флорида“, раскажува Зафиров.

Но, како што вели ни ова не ги премислило, ниту успеало да ги скрши.

„И покрај откажувањето на сите авионски летови, сите откажувања на хотели, сепак останавме смирени, мотивирани, за заедно со мојата сопруга и нашиот тренер да продолжиме да се подготвуваме за најголемиот настан Мистер Олимпија Аматер. Голема е честа да се учествува на ова, но уште поголема е честа кога знаете дека ќе бидете првите Македонци што ќе учествуваат на тоа престижно натпреварување и прв пат македонското знаме ќе се развиори на Мистер Олимпија. Од срце сакам да се заблагодарам на сите што што нѐ поддржуваат, сите вие што ни ја давате нашата поддршка, посебно медиумите со кои можеме да споделиме она што работиме со сите, со целиот македонски народ, кој секојдневно нѐ поддржува и охрабрува во сево ова што работиме“, додава Зафиров.

Пласманот од ова натпреварување Зафиров вели дека навистина не би знаел како ќе биде, но убеден е дека тој и неговата сопруга достојно ќе ја претстават нашата држава.

„Конкуренцијата е навистина голема, но ова е нашата најдобра животна форма на тело до сега знам дека достојно ќе ја претставиме нашата држава. За ова големо натпреварување, поддршка имам од тренер од Америка со кој постојано сме во онлајн-комуникација“, додава бодибилдерот.

За Зафиров како досегашните тренинзи и внимавањето на исхранат клучни се и оние последни часови кога имаа повеќечасовни летови, а мораат до грамови да внимаваат на храната.

Последниве денови тој јаде по 30 белки на ден, по малку риба и по 100 грама краставица и брокула. Првиот тренинг овој посветен спортист знае да го направи и пред 5-6 часот наутро, а во текот на денот повторно вежба.

На граѓаните им порачува дека спортот во комбинација со здравата исхрана е најдобрата физичка и психичка превентива за добро здравје и во нормални услови, но и во услови на ковид-19. Благодарност упати и до сите спонзори што застанале зад него и неговата сопруга и им овозможиле финансиски средства, како за подготовките, така и за патувањето и сместувањето во САД.

К.Додевска

Објавено

Понеделник, Ноември 30, 2020 - 15:47

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе