петок, 19 април 2024

Пред дирекцијата и подружниците на Водостопанство се протестира за платите

На мирен протест на вработените пред дирекцијата на а.д. Водостопанство и воедно во сите 14 подружници на ова акционерско друштво, синдикалните претставници соопштија дека не ја добиле платата за март и информираа за проблемот со ненаплата на водните услуги од општините корисници, кои им должат 240 милиони денари, и дека тоа го толерира нивниот менаџерски тим.

Фото: Скриншут

Објавено на

часот

Сподели

Синдикалната организација на а.д. Водостопанство на Македоноија од Владата бара да им префрли средства за плати и трошоци за гориво, електрична енергија и резервни делови за да ги подготват и одржуваат каналите за наводнување и одводнување, цевководите за достава на сурова вода за да може да отпочне и да ја заврши сезоната 2024.

Од основањето во 2016, во последните три години се соочуваат со финансиска криза, а најтешка им е 2024 година. Предупредија  дека во прашање ќе биде доведен земјоделскиот род и загрозена егзистенцијата на 30 илјади земјоделски семејства.

„Не  ќе можеме да испорачаме вода до земјоделските површини и цевководите за достава на сурова вода до комуналните претпријатија, а со тоа се загрозуваат посевите и родот, што ќе резултира и со загрозување на опстанокот на 30.000 земјоделски семејства кои егзистираат само од земјоделството и четири градови кои користат вода за пиење“, изјави Коста Малзарков, претседател на синдикалната организација на а.д. Водостопанство кое има 517 вработени низ целата држава.

Посочи дека од собраните средства за минатата година до февруари 2024, требало да имаат плати  до јуни 2024, но Управата за јавни приходи им ја блокирало сметката и им ги зела сите средства.

„Неплатените обврски кон УЈП се должи на фактурите кои од наша страна се доставени до комуналните претпријатија во Куманово, Струмица, Берово и Кавадарци кои не ги платиле своите обврски кон нас, а тоа се околу 240 милиони денари, од што само ДДВ се 45 милиони. Куманово должи 154 милиони, Струмица 62 милиони, Берово 12 милиони и Кавадарци 11 милиони. Од септември 2023 УЈП присилно ни има наплатено околу 90 милиони – по основ на ДДВ 75 милиони и за солидарен данок околу 15 милиони денари, а тоа е половина од сите средства што ги собираме во текот на една година. Средствата собрани за водни услуги се толку мали што само за плата има за осум месеци, а каде се другите средства за гориво, електрична енергија која ја користат пумпите за наводнување, резервни делови и други трошоци“, истакна Малзарков.

Како што рече, над 15 години се непроменети цените за водни услуги и не се вкалкулирани зголемувањето на минималната плата и цените за трошоците (гориво, електрична енергија, резервни делови). Приходите од водни услуги за земјоделските површини што ги наводнуваат од 2016 се намалиле за околу 22 отсто што, рече, се должи на се помала заинтересираност за работа во земјоделството, пренамена на земјоделското во градежно земјиште и поради застареност на системите.

Претседателот на АГРО-синдикатот, Игор Китановски изјави дека лани имале проблеми за исплата на платата за мај, а оваа година, рече, „голготата“ почнала уште во март.

 

Нагласи дека за ситуацијата не се виновни вработените во Водостопанство, кои „во моментов се со нула плата“ доставуваат редовно и навремено вода до корисниците. Од индивидуалните водокорисници наплатата е редовна и е повеќе од 80 проценти што, рече тој, е одличен просек. Но, општините не ги подмируваат трошоците кон Водостопанство иако ја добиваат водата до пречистителните станици која им ја продаваат т.е. наплаќаат на  граѓаните.

Според него, неколку општини се фаворизирани и толерирани од менаџерскиот тим и неколку години да не плаќаат за снабдување со вода.

„Станува збор за поголема сума на пари, околу 240 милиони денари, за кои се издадени фактури и не се наплатени повеќе години. Зошто тоа се толерира треба да одговори менаџерскиот тим. Во изминатиот период Управата за јавни приходи ја блокираше сметката на ова а.д., присилно наплати ДДВ за издадените фактури, но ненаплатени кон тие општини, и до денес менаџерскиот тим нема преземено мерки за нивна наплата и за тоа треба да сноси одговорност“, рече Китановски.

Притоа посочи дека во изминатиот период имало над сто вработувања  во ова претпријатие и имало пари да се купи луксузно возило – теренски џип“.

На 9 април побарале средба со техничкиот премиер, но 10 дена оттогаш немаат  одговор од Владата ниту ја добиле мартовската плата. Соопшти дека доколку платата не им биде исплатена, во наредниот период планираат да го радикализираат протестот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ