Дождот донесе луда трка во Хокенхајм, љубителите на Формула 1 можеа да уживаат во драма со многу излетувања и безброј претекнувања. Влажната патека и променливите временски услови предизвикаа неколку пати да се менуваат гумите и во целата гужва најдобро се снајде Макс Верстапен.
Холанѓанецот го искористи пехот на Мерцедес и Шарл Леклер и мина прв низ целта пред Себастијан Фетел, кој стартуваше дури како 20-ти. Последното место на пиедесталот му припадна на Дани Квјат, кој исто така одлично се снајде во мешаницата.
Денешната трка за Мерцедес беше јубилејна 200-тота на ГН на Германија, и наместо славје се претвори во кошмар. Од старт на првото и третото место, болидите на „сребрената стрела“ останаа без бодови. Хамилтон финишираше како 12-ти а Валтери Ботас не ја заврши трката откако двајцата излетаа на истото место.
Пех имаше и Шарл Леклер, кој излета додека се возеше под виртуелно безбедносно возило и се заби во ѕидот кога беше втор на патеката.
Со фаворитите надвор од комбинација, на бодови се радуваа уште Ленс Строл, Карлос Саинц, Алекс Албон, Кими Раиконен, Антонио Џовинаци, Роман Грожан и Кевин Магнусен.