ИНТЕРВЈУ СО МАКЕДОНСКИОТ ЧЕТИРИКРАТЕН АПСОЛУТЕН ШАМПИОН ВО БОДИБИЛДИНГ, ТОШЕ ЗАФИРОВ

Ќе се борам за злато, да го веам знамето на Македонија во светски рамки

Ако нешто посакуваш со цело срце, се бориш и тоа го претвораш во реалност. Никогаш да не се откажеш е животното мото на познатиот македонски бодибилдер, триесетидеветгодишниот Тоше Зафиров од Неготино. Четирикратен апсолутен шампион во бодибилдинг во Македонија, вицешампион кои го освои второто место и се закити со сребрен медал на Светско првенство во Копер, Словенија во конкуренција со повеќе од 300 натпреварувачи. 

Зафиров во интервју за МКД.мк вели дека државата треба повеќе да вложува во овој спорт, но тој секаде со гордост го вее знамето на Македонија. На сите натпревари, без исклучок Зафиров е со знамето на Македонија околу себе. Има многу успеси зад себе, но вели, копнее и ќе се бори за злато надвор од Македонија и за прво место на светско ниво.

Бодибилдингот, љубов на прв поглед, обврска, задоволство, начин на живот или пасија koja нема цена. Зошто токму овој спорт и од кога?

Како секое дете, така и јас имав сон. Живеев со копнеж дека еден ден ќе бидам како Петар Челик, бодибилдерска легенда од чија појава бев импресиониран. Ја читав неговата книга и посакував да го имам неговото убаво извајано тело. Кога прв пат влегов во теретана почувствував топлина во душата и знаев дека е тоа местото каде припаѓам. Почнав да вежбам кога имам 17 години. Пешачев и по 10 километри враќајки се од училиште и пак назад до теретаната каде требаше да вежбам. Но, љубовта беше преголема и ништо не можеше да ме спречи. Тој начин на животот го практикувам од тогаш, па до ден денес. Кога желбата ќе ја преточиш во посебна исхрана, тренинзи, трчање во природа, тогаш телото ќе знае да ти возврати, прво со убав одраз во огледало, а потоа и со добро здравје. Она што јас го работам, не го гледам како нешто со кое би требало да импресионирам, туку , бодибилдингот е уметност која ако ја работиш како што треба, ти го црта и изработува телото како една скулптура која потоа ја чуваш и негуваш.

Теретаната е на некој начин твој дом и таму ми се чини дека добиваш сила и се креваш на нозе и тогаш кога животот ќе реши да зададе некој удар и да те турне долу. Справите на кои обичниот човек гледа како на ладно железо, за тебе како да се извор на топлина и еликсир за вечна младост. Како гледаш ти на тоа ?

Секој има подеми и падови, има добри и лоши моменти, но спортот те учи на посебна дисциплина, да бидеш борец. Те учи да ја држиш главата горе и да продолжиш да одиш и тогаш кога газиш по жежок песок. Учител е и на телото и на умот. Те учи и на посебно размислување, посебно гледиште на многу нешта. Веројатно и затоа што е посебен од секој агол, повеќе од 20 години сум и верен на оваа љубов наречена бодибилдинг. За мене теретаната е храм каде го наоѓам душевниот мир. Со тежината која ја кревам како да ја истиснувам оваа тежина која ја носам во себе. Макотрпните и исцрпувачки тренинзи ми ја полнат душата со енергија. Секое влегување во теретаната е нов предизвик за мене и моето тело, предизвик кој јас го нарекувам победа. Да се победам семиот себе, да го победам Тоше од последниот тренинг.

Колку време, труд, дисциплина, поветеност и трпение е потребно за да се изгради едно убаво извајано тело? Има ли магична формула за успех?

Нема ништо преку ноќ и не постои магично стапче кое ќе те направи да изгледаш убаво, а притоа да бидеш здрав. Денес многу млади посегнуваат по недозволени супстанци, се со цел побрзо да г изградат своето тело. Тоа, според мене е како едно јаболко, од надвор убаво, а внатре труло. Затоа на сите млади кои започнуваат со овој или со било кој спорт секогаш им велам да работат умно, трпеливо и пред се да знаат што сакаат од себе. Лутањето со мислите да го заменат со дисциплина, тренинзи и правилна, точната формула за успех е таа. Кај мене таа магија трае 20 години.

Во периодот на летните периоди теретаните се полни и тогаш сите сакаат за краток период, да изгледаат убаво за на плажа. Кој е твојот совет како професионален спорти?

Секој на плажа сака да изгледа убаво и секогаш пред летниот период теретаните се преполни. Престојот на плажа трае десетина дена, а што е со останатите 355 дена во годината? На своето тело се внимава преку цела година, а мојот совет за тоа е: “Водете сметка за своето тело бидејќи тоа е единственото место каде што мора да живеете”. Тоа значи колку ќе вложиме во своето тело, толку тоа ќе ни возврати.

Минатата година го освои второто место и се закити со сребрен медал на Светско првенство во Копер, Словенија. Се бореше со повеќе од 300 натпреварувачи од 40 земји и успеа да го вееш Македонското знаме на бина како вицешампион. До сега беше четирикратен апсолутен шампион во сите категории во бодибилдинг во Македонија. Кој е твојот последен успех и се гледаш ли себе си на прво место на некоја од следните натпревари надвор од Република Македонија?

Ќе бидам искрен, секако дека посакувам златен медал и посакувам да го веам знамето на Македонија на највисоката шампионска позиција на светско ниво. Но сум задоволен од сето постигнато до сега и се уште сум под импресии од последниот натпревар во Картагена, Шпанија. Тоа беше професионално натпреварување од кое земав ПРО карта. Тоа е една друга димензија и е врвот на бодибилдингот. ИБФФ Светската федерација многу вложува токму во тие натпревари и навистина е чест да се учествува. Како дебитант не се надевав на влез во финале кога знаев за каква конкуренција станува збор. Но, кога ќе го дадеш максимумот од себе, тогаш успехот сам доаѓа. Влегов во финале и успеав да се закитам со медал четвртото место, што за мене е голем успех.

Тоше Зафиров во Картагена, Шпанија каде го освои четвртото место.

Има ли Македонија слух и вложува ли доволно за бодибилдингот како спорт кај нас?

Крајно разочарувачки е фактот што Македонија скоро и да нема слух за овој спорт. Државата треба повеќе да вложува во спортот бидејќи тоа е најсилното оружје кое ги држи младите на страна од сите пороци. Македонија не има како претставници на бодибилдингот, но многу не вложува во нас. Треба преку нашите успеси  да се промовира себе си надвор од нашите граници. На секој натпревар гордо го веам нашето знаме, иако не сум добил помош од државата. Ќе продолжам да го правам тоа, бидејќи моите успеси пишуваат историја и спомени со кои утре ќе се гордеат моите деца и поколенијата по нив. Во животот можат да ти зематсѐ, но не и успехот кој со сопствен труд ќе го постигнеш.

По документарецот, неодамна излезе и книга за животот на Тоше Зафиров. Задоволен ли си од тоа како пишаниот збор за твојот живот беше прифатен од публиката и што на кратко може да се прочита во "Патот кон врвот"?

Она што го живем 20 години сакав на некој начин несебично да го споделам со оние кои го сакаа овој спорт, но и кои сакаат да да бидат рекреативци. Заедно со професорката Силвана го започнавме проектот наречен “Патот кон врвот”. Зошто баш таков наслов? Бидејќи кога ќе почнеш од нула, и полека, но сигурно чекор по чекор, ден по ден, година по година се изградуваш како личност. Имаш моменти кога се кршат копјата и кога успеваш меѓу ривалите да бидеш победник. Кога ги поминуваш и најголемите предизвици, а притоа никогаш и не си се откажал од својот сон, си велиш зошто сетоа тоа да не се преточи во пишан збор и зошто да не бидеш мотивација за другите. Доаѓа денот кога соништата ти стануваат реалност. Врвот никогаш не се достигнува, секогаш се стремиш кон повеќе, кон погоре, да се искачиш над предходниот успех. Низ страниците на оваа книга читателите ќе можат да се запознаат со една вистинска приказна раскажана за тоа како со цврсти чекори треба треба газиме низ живототи при тоа никогаш да не се откажеме. Сакам јавно да и се заблагодарам на мојата драга професорка Силвана која буквално како да живееше во мојата кожа и ми го следеше секој чекор  за кој пишува во книгата.

Се сеќаваш ли на првата освоена награда, бара ли многу жртва овој спорт?

Кога пред некое време барав некој документи, наидов на првата диплома од 1997 година во Струга кога победив во јуниори. Првото нетпреварување засекогаш останува врежано во мене. Самиот факт дека по 4 до 5 месеци строга диета вежбаш по два до три пати на ден кажува колку посветеност е потребано за да се иждржи сето тоа. Треба навистина да си премногу психички силен за да се идржи сетото тоа и да не се подлегне на искушенијата.

Неодамна вашата сопруга освои прва награда за фит модел до 35 години. Има ли ваша поддршка и како успевате да го усогласите моментот на професионалци во бодибилдингот и во работните обврски и родители на две малолетни деца дома?

На последното ИБФФ европско првенство мојата сопруга Габриела Зафирова која неизмерно ме поддржува изминативе години, успеа да освои златен медал. Јас како нејзин подржувач и тренер бев навистина многу среќен што целиот сој труд таа успеа да го круниса со вакво големо признание. Заедно сме во ова и со добро избалансирано време и за се како и за нас, така и за нашите деца. И Ангела и Блаже секогаш се со нас на сите натпревари и ја имаме навистина нивната огромна поддршка.

Тоше Зафиров со сопругата Габриела Зафирова која се закити со злато.

Какви се твоите планови за во иднина и кои се следните предизвици кои му претстојат на Зафиров тим?

Следни предизвици се два професионални натревари кои ќе се одржуваат во Италија. Подготовките веќе се започнати и се надевам на успех и влез во финале. Навистина овие натпревари се голем успех бидејќи стоиш рамо до рамо со најдобрите. Јас сум горд што сум првиот Македонец кои се натпреварува во ИБФФ ПРО Федерацијата и се надевам дека ќе ја оправдам поддршката и очекувањата од многуте мои поддржувачи.Тоше Зафиров со ќерката Ангела.

На одмор за десет дена заминувате со 300 јајца и 30 килограми стек. Му се здосадува ли на Зафиров од стек, јајца и ориз кој е најзастапен на твоето дневно мени и има ли Тоше омилена храна која условно речено, му е “забранета” и им штети на мускулите?

На последното натпреварување со себе носев кроасани, еурокрем, чоколади и што ли уште не. Одвај чекав да заврши натреварот и да ја отворам мојата волшебна торба.Но, изедов само едно чоколода бидејќи храната која ја јадам се разликува и моето тело е навикнато на друг вкус кој не содржи благо. Уживам во тоа што го јадам како спортска храна. Порано, искрено знаев да изедам по напревар и по две до три килограми сладолед. Но, сега веќе тоа го правам умерено и по малку.


                                                                                    Катерина Додевска 

 

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе