Луис Хамилтон попладнево беше на пат кон нова победа, но Британецот на крајот мораше да се задоволи со финиш на седмата позиција. Возачот на Мерцедес поведе од пол и почна да билда предност, но добрата работа му падна во вода кога Кевин Магнусен го паркираше болидот крај патеката и излезе безбедносното возило.
Не само што беше избришана предноста од 14 секунди, Луис Хамилтон влезе да менува пневматици кога боксот беше затворен, па стјуардите отворија истрага.
Huge off for Charles Leclerc. Race red flagged.#ItalianGP🇮🇹 pic.twitter.com/esOxiPiBF0
— bear (@beartorius) September 6, 2020
Само што се тргна безбедносното возило, Шарл Леклер изгуби контрола на излезот од Параболика и се заби во оградата па беа покажани црвени знамиња и прекин на трката. Кратко потоа се дозна и казната за Луис Хамилтон, кој по ре-стартот мораше во бокс да одработи десет секунди чекање во место, и практично тука ја загуби шансата са триумф.
Во целиот хаос најдобро се снајде Пјер Гасли, кој во последните кругови одолеа на нападите од Карлос Саинц и мина низ целта со само половина секунда предност во однос на Шпанецот. Последното место на пиедесталот му припадна на Ленс Строл.
Потоа следуваа Ландо Норис, Валтери Ботас, Даниел Рикардо, Луис Хамилтон, Естебан Окон, Дани Квајт и Серхио Перез.
Макс Верстапен имаше разочарувачки викенд, по слабите квалификации, денеска мораше да се откаже поради механички проблем.