петок, 29 март 2024

Полскиот премиер: Европа е во предвоена состојба, следните две години решаваат сè

Полскиот премиер Доналд Туск оцени дека ситуацијата во Европа е најлоша од крајот на Втората светска војна и апелираше Европејците да сфатат дека војната не е поим на минатото, туку дека живеат во предвоена состојба во која е можно секое сценарио и дека следните две години ќе решат сè.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Не сакам никого да плашам, но војната веќе не е поим од минатото. Реална е, почна пред две години. Знам како тоа звучи за луѓето од помладите генерации, но мораме ментално да усвоиме дека доаѓа нова епоха. Предвоена епоха. Не претерувам“, кажа Туск во интервју за неколку европски медиуми.

Тој кажа дека шпанскиот премиер Педро Санчез на самитот на Европската Унија побарал повеќе да не се користи зборот „војна“ во документите на ЕУ, бидејќи луѓето не сакаат на тој начин да бидат плашени, а во Шпанија тоа им звучи апстрактно.

„Тоа што денес предизвикува најголем немир е што е буквално можно секое сценарио. Таква ситуација не сме имале од 1945 година. Одговорив дека во мојот дел од Европа војната повеќе не е апстрактна и дека наша обврска е не да расправаме, туку да дејствуваме и да се спремаме за одбрана“, кажа Туск.

Полскиот премиер во интервјуто апелира да се отфрли размислувањето „што ќе биде ако“, бидејќи главната задача на Западот е одбрана на Украина да остане независна држава со територијален интегритет.

„Иднината на Украина е главно во наши раце. Не станува збор само за Полска и ЕУ, туку за целиот Запад. Од нас зависи дали Украина ќе успее да ги избегне песимистичните сценарија. Денес ситуацијата е значително полоша од пред една година, но значително подобра од почетокот на војната, кога војниците на (рускиот претседател Владимир) Путин стигнаа на работ на Киев“, кажа полскиот премиер.

„Потребен ни е јак сојуз со САД, но истовремено мораме да бидеме независни и самостојни кога станува збор за одбраната. Наша задача е да ги негуваме врските без оглед на тоа кој ќе биде претседател на САД. Нема причина Европејците да не го почитуваат основниот принцип и да не издвојуваат најмалку два отсто од БДП за одбраната“, оцени Туск.

Полскиот премиер кажа дека разбира дека Шпанија и Италија не сакаат како неговата земја да издвојуваат четири отсто од БДП годишно.

„Но, два отсто едноставно мораат. Не разбирам како некој може тоа да го оспорува. Мораме да издвојуваме колку што се може за купување оружје и муниција за Украина, бидејќи живееме во најкритичниот момент од крајот на Втората светска војна. Следните две години ќе одлучат за сè. Ако Украина биде поразена, никој во Европа нема да може да се чувствува безбедно“, кажа Туск.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ