четврток, 2 мај 2024

Хрватскиот претседател: Не ги навредував Бугарите, се потсмевав на дел од хрватската власт

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кажа дека со изјавата дека Хрватска според повлекувањето на европските пари е „дното на Европската Унија, а полоша е само Бугарија“, не ги навредувал Бугарите туку се потсмевал со хрватската власт која од нејзините граѓани „прави будали и социјален случај“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Милановиќ кажа дека „Хрватска е дното на Европската Унија, а полоша е само Бугарија“ и дека „секој ден го молиме бога Бугарија да остане последна и ништо да не ѝ се случи, бидејќи тогаш тоа би била Хрватска“, по што Бугарите ја повикале на разговор амбасадорката на Хрватска во Софија и изразиле негодување, пренесува Хина.

Бугарското министерство за надворешни работи ѝ го пренело на хрватската амбасадорка „длабокото разочарување од изјавата на претседателот Милановиќ“, при што истакнале дека „изјавата е неприфатлива за Бугарија и не е во согласност со одличните билатерални односи на Хрватска и Бугарија“.

Истакнале и дека се надеваат дека „хрватската влада ќе се огради од таа изјава“.

„Не ги навредував Бугарите туку се потсмевав на некои елементи на хрватската власт кои од нас прават будали и социјален случај“, кажа шефот на хрватската држава и додаде дека и претходно знаел да ја критикува државата на темата повлекување на европските пари.

„Подобро ли звучи дека Сингапур е последен според повлекување?“, праша Милановиќ и додаде: „Можеме ли да кажеме дека Хрватска се моли Сингапур да биде последен според повлекувањето на парите?“

„Звучи ли тоа подобро?! Но, Сингапур не е европска држава. Значи, мора некој да биде последен. Тоа е Бугарија, а Хрватска е претпоследна“, кажа хрватскиот претседател и потсети дека тоа се статистички податоци и дека тоа го кажал повеќе пати до сега.

„Тоа е потсмевање, за жал, на сметка на некои во Хрватска кои од нас прават социјален случај, кои не се во состојба да земат доволно европски средства, па сме ние претпоследни. Нормално, тогаш гледаш кој е последен. Бугарија е последна, постојано е последна, а Хрватска претпоследна“, кажа Милановиќ.

На крајот кажа дека никој не се моли Бугарија да пропадне туку дека неговата изјава била верзија на американскиот виц за сојузната држава Арканзас која „се моли Мисисипи, кој е најсиромашен, да биде здрав и добар, бидејќи во спротивно тоа би бил Арканзас“.

„Кога Бугарија нема да биде последна, тоа ќе биде (хрватскиот премиер Андреј) Пленковиќ“, кажа Милановиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ