петок, 10 мај 2024

Пропалестински демонстранти уапсени во кампусите во САД

Рано утрово полицијата ги разби камповите на пропалестинските демонстранти во МИТ и Универзитетот во Пенсилванија, две од најпрестижните институции во САД, и по неколкудневни тензии уапси неколку лица.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Сали Корнблут, претседателка на Технолошкиот институт во Масачусетс – МИТ, кој се наоѓа во близина на Бостон, во соопштение напиша дека по нејзино барање рано утринава шаторите поставени на тревникот во дворот на универзитетот се демонтирани, а луѓето што биле присутни во тој момент четири пати биле предупредени лично дека треба да го напуштат местото или да се подготват за евентуално апсење.

„Десеттемина што останаа не даваа отпор при приведувањето и полицијата на МИТ мирно ги евакуираше од кампот, а потоа ги одведе заради спроведување на полициската постапка“, додаде таа.

Таа рече дека нерешливите тензии довеле до тоа да мора да се прибегне кон тоа решение.

Здружението на студенти на МИТ против апартхејдот ја осуди полициската операција во кампусот.

„Им кажуваме на претставниците на МИТ дека не можат да го прекинат движењето. Ние се враќаме“, додаваат од здружението.

Сличен протестен собир и шатори во кампусот на Универзитетот во Пенсилванија во Филаделфија, на североистокот на земјата, утринава пред зори исто така беа растурени од полицијата, објавија локалните медиуми.

Десетици полицајци во опрема за разбивање демонстрации упаднаа во студентски протестен камп на Универзитетот УПен и им дадоа на присутните две минути да го напуштат или ќе бидат уапсени.

Синџир од триесетина демонстранти се држеа за рака околу статуата на Бенџамин Френклин, а потоа полицијата ги одведе.

Американските кампуси во последните недели беа зафатени од демонстрации против израелската војна во Газа. Конфликтот беше предизвикан во октомври со нападот на палестински Хамас врз Израел.

Низ целата територија на САД универзитетските управи ја повикаа полицијата да ги разбие студентските шатори и да ги отстрани демонстрантите.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела изјави дека во кампусите треба да владее ред, но исто така рече дека тоа не значи дека луѓето треба да се сведат на молчење. Тој во вторникот рече дека ќе се бори против порастот на антисемитизмот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ