четврток, 28 март 2024

Влада: Реформскиот план е готов, првите пари од ЕК во јуни

Планот за реформи кој Македонија мора да го направи доколку ги сака парите од Европската комисија, помош која е дел од Планот за раст на Западен Балкан, е при крај и следната недела конечната верзија ќе биде испратена до ЕУ.

Објавено на

часот

Сподели

Владата, на предлог на Секретаријатот за европски прашања, на 12-та седница ја разгледа и усвои информацијата за статусот на подготовка на Реформската агенда 2024-2027, во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан.

Надлежните институции се задолжени да ја финализираат нацрт-реформската агенда 2024-2027, која потоа ќе се достави до Европската комисија.
Реформската агенда претставува сеопфатен пакет на мерки за постигнување на предвидените цели, предвидена е исплата два пати во годината, а плаќањата, како што предочија од Секретаријатот за европски прашања, се условени со реализација на квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за периодот од 2024-2027 година.

За Македонија, приоритетни области коишто се договорени со ЕК се однесуваат на:  управување/ реформа на јавна администрација и управување со јавните финансии; дигитална, енергетска/зелена транзиција; човечки капитал; деловно опкружување и владеење на правото.

„Во Реформската агенда ќе треба да се утврдат и приоритети за инфраструктурни инвестиции (преку WBIF), коишто треба да се однесуваат на: транспорт, енергетика, дигитална трансформација и човечки капитал, коишто се прифатливи за финансирање преку механизмот на Планот за раст“, се наведува во соопштението од Владината седница.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ очекува во јуни да биде испратена првата транша, од Планот за раст на Европската комисија тешка 60 милиони евра. И покрај пролонгирањето на роковите, ветената помош во земјите од Западен Балкан ќе стигне пред стартот на европските избори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ