МКД.мк

Вашингтон пост: Русија подготвува офанзива врз Украина со околу 175.000 војници

Русија подготвува офанзива врз Украина, која би опфатила до 175.000 војници, веќе следната година, објави синоќа Вашингтон пост.

Москва се подготвува да започне офанзива со „100 баталјони составени од тактички групи со проценета сила од 175.000 луѓе“, а тенкови, артилерија и друга опрема ќе бидат вклучени во офанзивата, изјави за весникот неименуван висок американски функционер.

Пентагон одбил да ги коментира информациите за Франс прес, но изрази голема загриженост поради „агресивните планови на Русија против Украина“.

„Продолжуваме да поддржуваме ублажување на напнатоста во регионот и дипломатско решение на конфликтот во источна Украина“, изјави портпаролот на Пентагон, Тони Семелрот.

Руските сили сега се концентрираат на четири различни локации со 50 борбени тактички групи, тврди Вашингтон пост, повикувајќи се на еден американски воен документ.

Претседателите на САД и Русија, Џозеф Бајден и Владимир Путин, наскоро треба да разговараат за тензиите околу Украина на видеосредба, седум години по руската анексија на украинскиот црноморски полуостров Крим и бунтот на проруските сепаратисти во источниот дел на Украина.


Извор: https://www.mkd.mk/svet/vesti/vashington-post-rusija-podgotvuva-ofanziva-vrz-ukraina-so-okolu-175000-vojnici