Тајмс: Недостигот од гориво во Британија ќе трае уште еден месец (ВИДЕО)
Прекините во снабдувањето со гориво ќе продолжат бидејќи треба време за надополнување на резервоарите на бензинските пумпи, а британската нафтена и гасна компанија Бритиш петрол, која прва го нормализираше снабдувањето со нафтени деривати поради недостигот од возачи на камиони, ќе продолжи да има проблеми во следниот месец, пишува Тајмс.
Паниката меѓу Британците почна да се шири на 23 септември, кога БП затвори неколку свои пумпи поради проблемите со снабдувањето со гориво.
Корпорацијата тоа го објасни со недостиг од возачи на камиони, со кои горивото се носи на пумпите. Со тој проблем се соочија и другите компании.
Иако проблем со снабдувањето имаше само на неколку десетици од 1.200 бензински пумпи на БП низ земјата, на британските пумпи се создадоа долги редови.
Британскиот премиер Борис Џонсон најави дека „ситуацијата ан бензинските пумпи се стабилизира“, повикувајќи ги луѓето да се однесуваат нормално, односно да не ги полнат резервоарите со повеќе гориво отколку што навистина им треба.
Недостигот од возачи на тешки товарни возила кој ја предизвика кризата е поврзан со пандемијата на коронавирусот и брегзитот. Во последните две години илјадници професионални возачи од земјите на ЕУ ја напуштија Британија, а школувањето нови го отежна пандемијата, поради која во многу земји долго не се одржуваат возачки испити.
Како што вчера јави Скај њуз, повикувајќи се на извор во министерството за одбрана, британски воени возачи ќе седнат зад воланите на камиони со гориво подоцна неделава за да помогнат во решавањето на кризата.