Путин првпат реагираше на одговорот на Западот: „Го игнорираат клучното прашање“
Кремљ објави дека Путин на Макрон му кажал дека ќе ги проучи писмените одговори на Вашингтон и НАТО неделава, пред одлуката за понатамошното дејствување. „Вниманието е свртено кон фактот дека САД и НАТО не ја земале предвид главната грижа на Русија“, соопшти Кремљ. Писмениот одговор сè уште не е објавен, но Лавров вчера кажа дека „јавноста наскоро ќе биде информирана“.
Русите од Западот бараат гаранции дека НАТО повеќе нема да се шири на исток и нема да поставува офанзивно оружје во близина на руските граници. Москва сака „воените капацитети и инфраструктурата“ на Западот да се вратат на состојба пред поранешните држави од Варшавскиот пакт да се придружат на НАТО.
„Клучното прашање е игнорирано – како САД и сојузниците планираат да го почитуваат принципот на безбедносниот интегритет, дека никој не смее да ја зајакнува својата безбедност на штета на безбедноста на друга држава?“, истакна Кремљ.