МКД.мк

Прошталниот говор на Ангела Меркел: „Ни треба силен отпор кон теориите на заговор“ (ВИДЕО)

Германската војска со традиционална парада синоќа се прости од германската канцеларка Ангела Меркел, која за една недела, по 16 години на власт, заминува во политичката историја.

Свеченоста, чии корени досегаат до 16 век, е најголемата чест која германските оружени сили можат да му ја дадат на некој цивил. Меркел им се заблагодари на соработниците и семејството, а на својот наследник Олаф Шолц му посака среќа.

„16 години на местото канцеларка беа исполнети со бројни настани, а често и предизвици. Тие години за мене беа предизвик и во политичка и во човечка смисла. Но, тоа беше време кое ме исполни“, кажа Меркел во краткиот проштален говор.

Таа ги спомна и антинаучните сегменти во општеството и сè поприсутните теории на заговор.

„Нашата демократија зависи од нашата способност за критички дискурс и самоуправување. Зависи од разговорот за интересите и меѓусебното уважување. Зависи од солидарноста и довербата, особено довербата во фактите. И секаде каде научните факти се негираат и се шират кампањи на омраза и теории на заговор, отпорот мора да биде гласен и силен“, порача Меркел.

In her farewell address, German Chancellor Angela Merkel said, "resistance must be loud" when scientific facts are denied and conspiracy theories are spread. pic.twitter.com/xA8YIFLZN2 [1]

— DW News (@dwnews) December 2, 2021 [2]

Како најголеми предизвици ги наведе финансиската криза во 2008 и бегалската во 2015.

„Тогаш сфатив колку се важни меѓународните институции и мултилатералните инструменти. Бидејќи кризите не познаваат граници“, кажа таа.

Германската војска или Бундесвер со специјална свеченост која вклучува парада, музика и факели се простува од германските претседатели, канцелари и министри за одбрана.

Традицијата е лицето во чија чест се одржува да избере три песни кои ги изведува воениот оркестар. Меркел се одлучи за црковната "Grosser Gott, wir loben dich", евергрин на познатата германска повоена пејачка Холдегард Кнеф и песната на источногерманската панк икона Нина Хаген "Du hast den Farbfilm vergessen" (Го заборави филмот во боја). Таа песна била голем хит во 1974, кога Меркел студирала физика во Лајпциг, во тогашна Источна Германија.

Меркел официјално на својот наследник Шолц треба да му ја предаде власта следната недела кога новиот состав на Бундестагот треба да избере нов канцелар.


Извор: https://www.mkd.mk/svet/vesti/proshtalniot-govor-na-angela-merkel-ni-treba-silen-otpor-kon-teoriite-na-zagovor-video

Links
[1] https://t.co/xA8YIFLZN2
[2] https://twitter.com/dwnews/status/1466482453829279764?ref_src=twsrc%5Etfw