По хаотичното повлекување шефот на американската дипломатија тргнува во дипломатска акција
Блинкен патува во Катар и во Германија, додека министерот за одбрана Лојд Остин вчера ја почна заливската турнеја која ги вклучува Саудиска Арабија, Катар, Бахреин и Кувајт.
Посетите на двајцата исклучително важни политичари кога станува збор за американската национална безбедност доаѓа во време кога владата на претседателот Џо Бајден сè уште ги чувствува последиците на двонеделното хаотично повлекување од Авганистан откако талибанците на 15 август ја преземаа власта.
Блинкен за време на турнејата, со која ќе им се заблагодари на заливските земји и на Германија, кои му помогнаа на Вашингтон во евакуацијата на илјадници луѓе од Кабул, ќе се сретне во Доха со високи катарски функционери, а во Германија со министерот за надворешни работи Хеико Мас во воздухопловната база Рамштајн.
Не се очекува Блинкен и Остин да се сретнат со претставници на талибанците, соопштија американските власти.
Дваесетгодишната американска војна во Авганистан кулминираше со лошо организираниот воздушен мост кој во земјата остави илјадници Авганистанци кои им помагале на САД. Покрај тоа, беше извршен самоубиствен напад во кој загинаа 13 американски војници и десетици Авганистанци.