ОН: Целта ни е до 2030 да го искорениме гладот, но тоа може да е недостижно
Последната анализа на состојбата на безбедноста на храната и прехраната во светот проценува дека во 2019 речиси 600 милиони луѓе гладувале, десет милиони повеќе отколку во 2018, а речиси 60 милиони повеќе од пред пет години.
Милијарди луѓе не можат да јадат здрава храна поради високите цени и недостапноста. Владите во светот и понатаму се борат со различни облици несоодветна прехрана, покажува годишното истражување на Обединетите нации.
Гладни има најмногу во Азија, но нивниот број најбрзо расте во Африка.
До крајот на 2020 пандемијата на ковид-19 би можела 130 милиони луѓе да ги направи хронично гладни.
„Состојбата на безбедноста на храната и прехраната во светот“ е најрелевантната глобална студија што го следи напредокот во искоренувањето на гладот и неухранетоста. Заедно ја подготвуваат Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Меѓународниот фонд за земјоделски развој (ИФАД), Фондот на ОН за деца (УНИЦЕФ), Светската програма за храна на ОН (ВФП) и Светската здравствена организација (СЗО).
Во воведот на извештајот лидерите на петте агенции на ОН предупредуваат дека „пет години откако светот се обврза да го искорени гладот, несигурноста во снабдувањето со храна и сѐ поголемиот број видови неухранетост, сѐ уште не сме на пат да ја постигнеме таа цел до 2030“.
Хроничниот глад, откако со децении постојано се намалуваше, почна полека да расте во 2014 година и продолжува да расте.
Најголем број неухранети има во Азија (381 милион), а зад неа следат Африка (250 милиони) и Јужна Америка и Карибите (48 милиони).
Во проценти Африка со 19,1 отсто од жителите е најтешко погодена од глад и неухранетост. Тоа е повеќе од двојно од Азија (8,3 отсто) и Јужна Америка (7,4 отсто).
Според сегашните трендови, во Африка до 2030 би можело да има повеќе од 50 отсто од хронично гладните во светот.