Милановиќ: Србија има криза на идентитетот, тешко сфаќа дека за Русија е само фуснота
По завршувањето на самитот на НАТО, Милановиќ кажа дека на самитот станало збор за Западниот Балкан, за Босна и Херцеговина како земја која е загрозена, за Молдавија и Грузија, но дека никој не ги спомнувал Србија и Косово.
„Србија за неколку дена има избори и имам впечаток дека е во некој вид на криза на идентитетот веќе долго и дека тешко сфаќа дека на Русија ѝ се само фуснота“, кажа Милановиќ.
Тој додаде дека за НАТО и ЕУ е важно тоа што Србија преговара за членство во Европската Унија, а на НАТО му е партнер исто како и БиХ.
„Важно е тоа да биде стабилна земја која има јасна западна перспектива, тоа во оваа ситуација малку појасно да им се понуди, па ако сфатат сфатат, ако не сфатат, не сфатат, но тоа е секако прилика која не смее да се пропушти и на крајот ќе одлучат сами“, кажа Милановиќ по самитот.
Додаде дека е време четирите членки на НАТО кои сè уште не го признаваат Косово тоа да го направат и „Косово конечно треба да се интегрира, да стане заокружена држава“.
Милановиќ кажа дека веќе ја потпишал одлуката за испраќање 70 хрватски војници во борбена група во Унгарија, но дека тие сè уште нема да одат таму.
„Таа одлука е потпишана, а кога војниците ќе заминат таму тоа ќе видиме. Начелно, одлуката е потпишана, засега не е предвидено да одат во Унгарија физички, тука се во Хрватска, командата функционира. Хрватска ќе се постави многу внимателно, не грижете се“, кажа хрватскиот претседател.
Тој оцени дека пораките на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој на лидерите на НАТО им се обрати по видеоврска, биле „емотивни и тажни“, но дека воениот блок не може да помогне во она што Зеленски го бара.
„Тоа е отворената порака на клучните играчи на НАТО. Колку е тоа исправно, за тоа ќе суди историјата“, кажа тој.