Косово денес одржува предвремени парламентарни избори
На изборите се објавени и шест номинации за косовски премиер, пет од албанска и една од српската заедница.
Гласањето започна утрово во 7 часот, а граѓаните ќе можат да гласаат на 2.547 избирачки места, што е зголемено за 42 избирачки места од претходните избори.
Право на глас имаат 1.937.869 гласачи, или 111.733 повеќе отколку на локалните избори одржани во 2017 година.
Централната изборна комисија на Косово донесе одлука дека 35.087 граѓани надвор од Косово имаат право на глас.
Според аналитичарите и посматрачите, изборната кампања поминала во фер атмосфера со помалку вербални напади и навреди од претходните избори од 2017 година.
И од безбедносна гледна точка нема значајни инциденти, освен обидот за притисок и заплашување на кои што беа изложени косовските Срби во северниот и другите делови на Косово.
За време на кампањата имало многу нереални ветувања, а доминирал дијалогот меѓу Косово и Србија и укинувањето на таксите, како и социјалните прашања, економскиот развој, образованието и здравството.
Европската унија (ЕУ) повика изборниот процес во Косово да се спроведе на мирен, транспарентен и инклузивен начин, во согласност со меѓународните стандарди и владеењето на правото.
Изборите во Косово ќе ги посматраат 34.558 акредитирани набљудувачи.