МКД.мк

Грција ги ублажува мерките, во рестораните и баровите повторно е дозволена музика

Грција ќе ублажи дел од мерките на ограничување кои ги донесе минатиот месец поради пандемијата, па така во баровите и рестораните повторно ќе биде дозволена музика. И понатаму остануваат на сила ограничувањата поврзани со бројот на присутни на спортските настани, додека двојна маска е задолжителна во супермаркетите и јавниот превоз.

Грчките власти се одлучија на ублажување на мерките бидејќи притисокот врз болниците попушта со опаѓањето на бројот на заразените во последните недели.

Минатиот месец беа заострени епидемиолошките мерки така што баровите, ноќните клубови и рестораните работеа до полноќ, беше забрането стоење во клубовите како и пуштање музика.

„Решивме да ги ублажиме ограничувањата, имајќи го предвид текот на пандемијата во смисла на бројот на случаи кој опаѓа во последните недели“, кажа министерот за здравство Танос Плеврис.

Тој истакна дека и покрај постојаниот притисок врз здравствениот систем, стапката на приеми и отпуштања од болниците, пократкото траење и полесната болничка слика предизвикани од варијантата омикрон, во споредба со делта варијантата, им овозможила на властите да ги ублажат ограничувањата.


Извор: https://www.mkd.mk/svet/vesti/grcija-gi-ublazhuva-merkite-vo-restoranite-i-barovite-povtorno-e-dozvolena-muzika