Главната научничка на СЗО: Да не се паничи околу појавата на омикрон, прерано е за заклучоци
Во интервју за Ројтерс, Сваминатан кажа дека е невозможно да се предвиди дали омикрон ќе стане доминантен сој на коронавирусот.
„Треба да бидеме во готовност и да бидеме внимателни, но не и да паничиме бидејќи сме во поинаква ситуација отколку пред една година“, кажа таа.
„Делта сочинува 99 отсто од заразите во светот. Оваа варијанта би можела да биде позаразна за да ја надмине делтата и да стане доминантна во светот. Тоа е можно, но не може да се предвиди“, истакна Сваминатан.
„Мораме да причекаме, се надеваме дека е послаба, но прерано е да носиме заклучоци за сојот во целина“, додаде таа.
Таа најави дека СЗО следната недела ќе свика глобална група експерти за да се одредат приоритетите за истражувањето на омикрон.
На прашањето за потенцијалната потреба за вакцинација со бустер доза против коронавирусот еднаш годишно, наведе дека СЗО е подготвена за сите сценарија.
Речиси 264 милиони луѓе се заразиле со коронавирусот, а 5,48 милиони луѓе починале од појавувањето на вирусот во Кина на крајот на 2019 година, според податоците на Ројтерс.
Стапките на вакцинација се разликуваат од земја до земја, но уверливо се најмали во сиромашните земји.
Голем број научници наведуваат дека ширењето на вирусот може да се сопре ако на сиромашните земји им се обезбеди пристап до вакцините, наместо да им се даваат бустер дози на луѓето во богатите земји.