Ескалира судирот на Британија и Франција, Британците се закануваат со одмазда
Британското министерство за надворешни работи ја повика француската амбасадорка во Лондон да ги објасни потезите на Париз.
„Очигледно ни е секогаш отворена можноста да ги засилиме мерките кои ги спроведуваме на француските бродови, да заплениме неколку од нив ако тие тоа го прават со нашите бродови“, изјави британскиот министер за заштита на средината Џорџ Јустис за Би-би-си.
„Има и други административни работи кои можеме да ги бараме од бродовите. Тоа е нешто во што не сакаме да навлегуваме“.
Британскиот рибарски брод Корнелис Герт Џен беше одведен во северното пристаниште Ле Авр откако екипажот не успеал да докаже дека му е дозволено да лови во француските територијални води.
Јустис кажа дека Лондон засега е фокусиран на обидите за решавање на проблемите со Европската Унија и со француската амбасада во Лондон.
„Очигледно ја задржуваме можноста да возвратиме на пропорционален начин“, кажа тој.
Франција предложи потенцијални санкции против Британија ако нема напредок во преговорите, вклучувајќи дополнителни царински проверки на британската стока од 2 ноември и намалување на извозот на електрична енергија во Британија.
Францускиот министер за земјоделство Жулиен Денорманди кажа денес дека нема придвижување во преговорите на Франција и Британија за риболовните дозволи по брегзитот и дека е правилно Франција да разгледа санкции против Британија.