МКД.мк

Дачиќ: Сакаме компромис околу Косово, но политиката на Приштина е заснована врз лаги

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави денес дека Србија била јасна дека сака компромис во решавањето на косовскиот проблем и дека сака дијалог, но „не прифаќа наметнување на однапред подготвени решенија“.

„Меѓутоа, Приштина не само што не сака компромис, туку лажат, целата политика им е заснована врз лаги. Тие нешто ќе потпишат и потоа не сакаат тоа да го спроведат, како што е случајот со Бриселскиот договор и Заедницата на српските општини“, кажа Дачиќ.

Според него, се поставува прашањето на поентата на таквот дијалог во кој „не знаете дали нешто сте се договориле“.

Тој кажа дека Приштина мисли дека Србија ќе биде слаба како некогаш и дека „ќе мора да прифати нешто под притисок и уцени“.

„Затоа им пречи силна Србија“, кажа Дачиќ, наведувајќи дека Србија пред осум години била во исклучително неповолна положба, но потоа успеала да ја сврти ситуацијата, па 18 земји го повлекоа признавањето на Косово.

На прашањето дали Србија ќе продолжи со кампањата на повлекување на признавањето на Косово, тој кажа дека го прифатила тоа што (специјалниот претставник на американскиот претседател за дијалогот на Белград и Приштина Ричард) Гренел го побара „за да не биде дека ние го попречуваме дијалогот“.

„Ние го прифативме тој некаков мораториум но ја следиме ситуацијата како се однесува Приштина“, кажа Дачиќ.


Извор: https://www.mkd.mk/svet/vesti/dachikj-sakame-kompromis-okolu-kosovo-no-politikata-na-prishtina-e-zasnovana-vrz-lagi