Црна Гора на раб на конфликт поради устоличувањето на митрополитот на СПЦ на Цетиње (ВИДЕО)
СПЦ најави дека верскиот чин на устоличување на митрополитот Јоаникие ќе се одржи во Цетињскиот манастир во недела. За смирување на тензиите и избегнување на судир на верниците им порачаа да не доаѓаат на Цетиње, а верскиот обред ќе се одржи исклучиво во присуство на свештениците и патријархот на СПЦ Порфирие, кој денес свечено ќе биде пречекан во Подгорица.
Црногорските националисти намерата на СПЦ да го одржи верскиот обред на устоличување токму во црногорската историска и верска престолнина Цетиње ја гледаат како провокација и омаловажување на Црногорците и во изјавите за медиумите јасно истакнуваат дека нема да дозволат тоа да се случи.
Građani blokirali ulazak u Cetinje pic.twitter.com/4U3djQlacn [1]
— Istraga.ba (@IstragaB) September 4, 2021 [2]
„Ништо не е вредно човечки животи, особено не поради политички разлики. Ќе направиме сè за собирите да поминат мирно, верувајте ни на збор“, напиша министерот Секуловиќ на Твитер.
Тој вчера по седницата на советот за национална безбедност изрази загриженост поради актуелните тензии и на граѓаните им порача дека црногорската полиција ќе ги чува уставните права и слободи на граѓаните.
Ženu je policija uhvatila i prosula joj suzavac u facu! Cetinje pic.twitter.com/MVQFdcpWyS [3]
— Jelena Montenegro (@leuko_likaina) September 4, 2021 [4]
Нешто претходно со видео-порака се обрати и црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ, кој ги повика сите црногорски граѓани да не наседнуваат на провокациите, истакнувајќи дека државата на сите ќе им ја гарантира безбедноста.
Кривокапиќ за предизвикување на тензиите обвини одделни, како што кажа, „политичко-криминални структури кои стравуваат од реформите во црногорското правосудство“.
„Како премиер на Црна Гора должен сум да ги предупредам сите чесни црногорски граѓани да не наседнуваат на манипулациите на оние кои за личен ќар и привилегии се спремни и родените браќа да ги турнат во конфликт“, кажа Кривокапиќ.
Нешто претходно претседателството на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ повика СПЦ, ако сака мир во Црна Гора, да го премести устоличувањето на митрополитот Јоаникие од Цетињскиот манастир и тој верски чин да го одржи во некој друг храм надвор од старата црногорска престолнина.
Најавено е дека сите пратеници на ДПС ќе присуствуваат на протестите на Цетиње, а дека може да се приклучи претходно најави и самиот црногорски претседател Ѓукановиќ.