Човек во Србија со багер тргна против демонстранти. Вучиќ: Тоа е негово уставно право (ВИДЕО)
Вучиќ смета дека човекот не направил ништо лошо и дека тоа што се движел со багерот било негово уставно право.
Вучиќ во емисијата Хит твит кажа дека организаторите на протестот се обиделе да го преземат приматот од мејнстрим партиите кои, па дури ни лидерот на опозицијата Драган Ѓилас, не би ги повикале граѓаните да блокираат патишта.
„Зошто тоа се прави? Затоа што со тоа газите сè. Тие кои тоа го направија се политички криминалци. Уставот на Република Србија, член 39, вели: Секој има право слободно да се движи во Србија. Слободата на движење може да се ограничи со закон ако е тоа неопходно“, наведе Вучиќ. Додаде дека на терен немало кршење на уставните права на граѓаните на Србија.
„Вие велите дека некој наишол со багер. Па можел да наиде со што било, слободен е патот. Тоа е негово право да наиде со што сака. Какви луѓе? Нему патот може да му го спречи само државен орган. А нема право да му го спречи кој било друг, а тие им го спречија и на багерите и на булдожерите и на тракторите“, кажа Вучиќ.
„И човекот возел полека, не е тепач, за разлика од оние доведени како тепачи баш таквите луѓе да ги тепаат. Тие уште го претепале, а какво право тој ним им загрозил? Што направил против нив? Па ништо. Не знаат што да кажат. Дали ги спречувал да одат некаде, да се вратат? Не, ништо. Но не им е гајле“, додаде српскиот претседател.
Се појави снимка на која се гледа како поддржувачи на Српската напредна партија на Вучиќ со багер се обидуваат да поминат низ група луѓе, додека ги следи група момчиња со палки и чекани во рацете. Собраните граѓани се обиделе да го сопрат багерот, но возачот решил да продолжи, што предизвикало револт кај демонстрантите.
Sabac trenutno molim RT pic.twitter.com/LNWgMouoSz [1]
— Ivana Nikolov (@NikolovIvana) November 27, 2021 [2]
Еден од учесниците на протестот се качил на машината за физички да го спречи возачот со багерот да влезе во толпата. Мажот од снимката поради тоа бил уапсен.
Илјадници луѓе во саботата блокираа патишта низ цела Србија, противејќи се на отворање на рудник за литиум, за кој велат дека може да ја загади околината. Полицијата на неколку места во Белград распореди сили за разбивање протести, но активистите успеаја да ги одминат и да го блокираат автопатот Ниш – Белград - Загреб. Демонстрации се одржаа и во Чачак, Крагуевац и Нови Сад.