Бајден значително пред Трамп
Онлајн истражувањето кое го спровел Ипсос, а чиј нарачател е Ројтерс, е спроведено во периодот од 27 до 29 јули и од 947 анкетирани, регистрирани гласачи, 47 отсто изразиле поддршка за Бајден, додека предност на рамп му дале 38 отсто од анкетираните.
Втора анкета, исто така онлајн, направена од Југов (нарачателот не е наведен), во истиот период опфатила 1.260 регистрирани гласачи, од кои 49 отсто го поддржале Бајден, а 40 отсто Трамп.
Југов претходно во јули спроведе уште неколку истражувања на истата тема. За илустрација, во онлајн анкетата на Југов која ја нарача Економист, направена од 19 до 21 јули, а во која учествувале 1.222 регистрирани гласачи, за Бајден се изјасниле 48 отсто од анкетираните, а за Трамп 41 отсто.
Истражувањето на јавното мислење на Палс опинјон рисрч, а чиј нарачател е Расмусен рипортс, било спроведено во периодот меѓу 22 јули и 28 јули. Истражувањето било правено на два начини – со методи на интерактивен гласовен одговор и онлајн, а учествувале 2.500 потенцијални гласачи, од кои 48 отсто го поддржале Бајден, а 42 отсто Трамп.
Популарноста на претседателските кандидати минатиот месец ја истражувал и Оптимус. Во онлајн анкета, чиј нарачател не е наведен, учествувале 914 потенцијални гласачи. Истражувањето било спроведено од 24 јули до 28 јули, а 48 отсто од анкетираните изјавиле дека го поддржуваат Бајден, додека 40 отсто го поддржале Трамп.
На листата „истражувачи“ се најде и Чејнџ рисрч. Онлајн анкетата, без нарачател, била работена меѓу 24 јули и 26 јули. Учествувале 1.039 потенцијални гласачи, а резултатот гласи: Бајден 51 отсто, Трамп 42 отсто.
Иако резултатите на јулските анкети сугерираат изборна победа на Бајден, Демостат во текстот истакнува дека е рано за донесување конечни заклучоци, бидејќи примерот на кампањата од 2016 покажува дека Трамповите гласачи потешко се одлучуваат да учествуваат во анкетите, особено телефонските и онлајн.