Австралија ја укинува забраната за патување во странство
„Повеќе од 18 месеци по затворањето на меѓународните граници во Австралија, целосно вакцинираните граѓани во иднина нема да мора да бараат изземање за да ја напуштат земјата“, се наведува во заедничкото соопштение на министерството за здравје и внатрешни работи.
Ова е објавено во момент кога стапката на целосно вакцинирани возрасни со по две дози вакцина се приближува до 80 отсто во земјата.
„Пред крајот на годината предвидуваме да примиме квалификувани работници и меѓународни студенти кои се целосно вакцинирани“, кажа министерката за внатрешни работи на Австралија Карен Ендрјус.
Премиерот на Австралија Скот Морисон кажа дека државата е „многу блиску“ да објави отворање на реципрочни патувања со Сингапур, кој во вторникот објави дека Австралијците повеќе не мора да одат во карантин по пристигнувањето.
Австралија на 20 март минатата година воведе гранични рестрикции меѓу најстрогите во светот, како одговор на пандемијата на коронавирусот.
Во текот на 600 дена бројни меѓународни линии беа суспендирани и целосно беа намалени патувањата во странство.