МКД.мк

Алжир лут поради изјавите на Макрон, размислува да го повлече амбасадорот од Париз

Алжир ја обвини Франција, поранешен колонизатор, за геноцид и најави повлекување на амбасадорот од Париз поради, како што наведоа, неприфатливите коментари на францускиот претседател Емануел Макрон.

Тензиите се зголемија по одлуката на Франција да го намали бројот на визи за луѓето што доаѓаат од Северна Африка, меѓу кои и за Алжирците. Сепак, тамошните влади одбиваат да ги примат назад мигрантите протерани од Франција.

Алжирскиот амбасадор во Париз беше повикан на консултации во саботата навечер, а за негово повлекување се размислува поради коментарите на Макрон за Алжир. Француските медиуми објавија дека Макрон го коментирал системот на владеење во Алжир по колонијализмот и нивниот однос кон Франција.

Алжирското претседателство рече дека овие коментари се „недозволиво мешање“ во нивните внатрешни работи и дека се навредливи за сите Алжирци што загинале во борбата против францускиот колонијализам.

„Злосторствата на колонијата на Франција во Алжир се безбројни и одговараат на строгите дефиниции за геноцид“, се вели во соопштението.


Извор: https://www.mkd.mk/svet/vesti/alzhir-lut-poradi-izjavite-na-makron-razmisluva-da-go-povleche-ambasadorot-od-pariz