На Русија поради санкциите ѝ се блокирани половина финансиски резерви
Поради замрзнувањето на средства од страна на САД, Европската Унија и неколку други држави, Русија има проблеми со исполнувањето одредени обврски и со плаќањето на некои долгови, објасни министерот. Силуанов кажа дека дел од златните и девизните резерви се чуваат во кинески јуани и дека Западот врши притисок врз Пекинг да ја ограничи трговијата со Москва.
Меѓутоа, рускиот министер изрази уверување дека односите со Кина ќе се одржат, а повтори дека „долговите кон непријателските земји“, како САД и членките на ЕУ, ќе се плаќаат само во рубљи.
Руската благајна сè уште е релативно полна и покрај војната и последичните санкции благодарение на милијардите од продажбата на гас, нафта и јаглен.
Министерот вети дека руската држава ќе ги поддржи банките кои ги санкционираше Западот. Исто така увери дека има доволно пари за производство на основните добра. „Централната банка ќе ја обезбеди потребната ликвидност на финансискиот систем“, кажа Силуанов, додавајќи дека особено внимание ќе им се посвети на цените на храната.