Кој најмногу профитираше од енергетската криза
Приходите скокнале со скокот на цената на природниот гас на меѓународните пазари, покажуваат податоците на националната статистичка агенција ССБ.
Октомврискиот суфицит изнесува 84,5 милијарди норвешки круни (9,73 милијарди долари), што е пораст од 60,7 отсто во однос на септември, кога беше забележан претходниот едномесечен рекорд, пренесува Ројтерс.
Со дневно производство од околу четири милиони барели еквивалент на нафта, речиси подеднакво поделени меѓу нафта и природен гас, Норвешка е најголемиот добитник од неодамнешниот подем на глобалните цени на енергенсите.
Во вкупниот минатомесечен извоз на земјата, 67 отсто од приходите доаѓаат од нафтата, покажуваат податоците.
Најголемата норвешка државна нафтена и гасна компанија Еквинор забележала во периодот јули-септември најсилен квартален резултат во последните девет години, со оперативна заработка од 9,8 милијарди долари.
Иако сировата нафта е традиционално најголемиот извор на приходи на Норвешка, наглиот раст на цените на гасот во последните неколку месеци ја свртел ситуацијата во корист на гасот.
Вредноста на извозот на гас во октомври изнесувала 72 милијарди круни (8,27 милијарди долари), што е петкратно зголемување во однос на една година претходно. Истовремено, извозот на нафта во октомври вредел 32,7 милијарди круни (3,75 милијарди долари), што е зголемување од 71,8 отсто во однос на истиот месец лани.
Норвешките испораки на гас лани сочинувале 22 отсто од вкупната потрошувачка на овој енергенс во Европската Унија, заземајќи го второто место зад рускиот пазарен удел од 34 отсто, според податоците на норвешката влада.