Ѝ се одмаздува ли Путин на Европа преку гасот?
Бидејќи градежните работи на рускиот гасовод се готови, критичарите сега тврдат дека Кремљ вештачки ги зголемува цените на гасот во обид да го забрза процесот на сертификација и да го направи гасоводот оперативен.
Русија веќе неколку недели се соочува со обвинувања дека намерно не успеала да ја задоволи зголемената побарувачка на Европа за гас, што доведе до нагло растење на цените и алармантно ниско ниво на резерви низ континентот. Многу аналитичари веруваат дека целта на Москва е да поттикне потреба за Северен тек 2 за да ги одмине многуте правни и бирократски одложувања кои сè уште спречуваат гасоводот да испорачува гас од Русија во Германија преку Балтичкото Море.
Тоа би можело да ја одложи употребата на гасоводот со месеци, па веројатно дури и повеќе од една година.
Од својот почеток, проектот Северен тек 2 наиде на огорчено противење од двете страни од Атлантикот. Европскиот парламент гласаше против тој гасовод, додека централноевропските земји како Полска се плашат дека ќе ја засили руската контрола врз регионалните енергетски пазари и ќе ја зголеми способноста на Путин да ги уценува своите соседи.
Многу Украинци го гледаат гасоводот како економски неоправдано геополитичко оружје директно насочено против нивната земја. Тие тврдат дека целта на Северен тек 2 е да ја прекине зависноста на Москва од украинскиот систем за транзит на гасот, што потенцијално отвора пат кон поголема ескалација.
На Германија не ѝ одговара сега да влегува во конфликт со Москва, и поради Северен тек 2 и поради тукушто одржаните парламентарни избори.
Јуриј Витренко, извршниот директор на украинскиот енергетски гигант Нафтогас, верува дека нема сомнеж дека актуелниот недостиг од гас е намерно смислен од Москва што би требало да заслужи санкции и од Германија и од САД.
„Она што Русија во моментов го прави е намерно кратење на испораките на гас во Европа. Москва ги крати испораките на гас за да ја примора Европа да го прифати Северен тек 2 и да го сертифицира пред американскиот Конгрес да воведе дополнителни санкции. Руските акции претставуваат симбол на користење на гасот како оружје. Секој кој ќе одбие да го признае тоа што го прави Москва, особено кога го прави така отворено, им испраќа опасна порака на Русите дека можат да го користат гасот да ја уценуваат Европа и тоа да им помине“, тврди тој.
Исто така, многумина сметаат дека оправдано се поставува прашањето дали Русија ги дочека своите пет минути и реши да ѝ се одмазди на Европската Унија поради бројните санкции кои ѝ беа воведени во изминатите години, а кои само се зголемуваат.