МКД.мк

Ербас и Фолксваген го прекинаа производството поради ковид-19

Европскиот авионски џин Ербас објави дека го паузира производството во своите фабрики во Франција и Шпанија барем во следните четири дена поради пандемијата на коронавирусот.

„Ова ќе овозможи доволно време да се имплементираат беспрекорни здравствени и безбедносни услови на хигиена, чистење и самодистанцирање, а и подобрување на ефикасноста на операциите во новите работни услови“, соопшти компанијата денес, истакнувајќи дека сите што можат ќе работат од дома.

Одлуката на Ербас доаѓа непосредно откако Франција и Шпанија наметнаа драстични мерки за борба против пандемијата. Вчера францускиот претседател Емануел Макрон нареди 15-дневна блокада на целата земја.

Индустријата на авионски превоз е исто така во криза поради вирусот. Италијанската влада објави денес дека планира да ја ренационализира банкротираната компанија Алиталија во рамки на итниот економски план за спас.

Пандемијата го примора и германскиот автомобилски џин Фолксваген да ги суспендира активностите во повеќето европски фабрики – погоните во Шпанија, Португалија, Словачка и Италија ќе бидат затворени до крајот на неделата.

„Повеќето германски и европски фабрики ќе почнат да се подготвуваат за суспендирање на производството, најверојатно на две до три недели“, соопшти генералниот директор Херберт Диес.


Извор: https://www.mkd.mk/svet/ekonomija/erbas-i-folksvagen-go-prekinaa-proizvodstvoto-poradi-kovid-19