МКД.мк

Уште еден висок пораз на МЗТ во Копер, Приморска поведе со 2-0

Приморска поведе со 2-0 во финалето на втората АБА лига, клубот од Словенија вечерва забележа нова висока победа и го совлада МЗТ Скопје со 95-72.

„Штрковите“ се пред невозможна мисија за пласман во првата АБА лига преку плеј-офот. МЗТ Скопје вечерва по втор пат загуби на гостувањето во Копер, Приморска стигна до нова висока победа, славеше со 95-72 и поведе со 2-0 во финалето.

Слично како и на првиот натпревар, домаќините по првото полувреме имаа двоцифрена предност и на пауза заминаа со 43-33.

МЗТ Скопје одигра катастрофално во третиот период, реализираше само 14 поени за десет минути па позитивата на Приморска се искачи на 21 поен (68-47).

Последната четвртина беше само рутина, двата тима одиграа опуштено со доста поени и конечниот резултат гласеше 95-72.

Медфорд со 22 поени беше прв играч на „штрковите“, а двоцифрен ефект со по десет поени имаа и Вудард и Самарџиски.

Следниот меч се игра во четврток во Скопје, и доколку МЗТ Скопје успее да стигне до триумф, во петок ќе има нов дуел во „Јане Сандански“. Евентуалната мајсторка треба да се игра следниот понеделник во Копер.


Извор: https://www.mkd.mk/sport/kosharka/ushte-eden-visok-poraz-na-mzt-vo-koper-primorska-povede-so-2-0