Македонија убедливо загуби од Шпанија, но Тео Симиќ блесна
Шпанија во Скопје дојде без играчите од НБА и Евролигата, па може да се каже дека ова беше нивниот трет или четврти состав, но и Македонија беше некомплетна, селекторот не можеше да смета на дел од нашите најдобри кошаркари.
Шпанците беа голем фаворит, а тоа го потврдија брзо откако почна мечот. Неизвесни беа само првите неколку минути, потоа Шпанците почнаа да доминираат на теренот и да создаваат разлика.
Најголемата предност ја имаа во третиот период кога поведоа и со 33 разлика, 37:70. Но потоа следуваа најдобрите минути на македонската репрезентација која направи серија од 15-0 и дојде на негатива од 18 поени.
Оваа серија на Македонија дојде како предупредување за Шпанците дека рано е за да се опуштат, повторно притиснаа и на крајот славеа со убедливи 65-94.
Но, нема простор за тага, повеќе за радост бидејќи го добивме Теодор Симиќ кој со 17 години беше најдобар во нашата репрезентација и покажа дека е голем талент пред кого е светла иднина.
Симиќ за 16 минути игра постигна 18 поени, двоцифрен беше уште и Џејкоб Вајли кој реализираше 10 поени, Меќиќ и Робев постигнаа по 9. Најефикасен кај Шпанија беше Сима со 17 поени.
Следниот натпревар на Македонија е на 29. ноември на гостински терен кај Украина.