МКД.мк

Милевски: Не чувствуваме притисок, само мотивација за победа над Исланд

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски вели дека не чувствуваат дополнителен притисок поради важноста на мечот со Исланд, подготвени се за натпреварот и се надеваат на победа.

Благодарение на киксот на Романија и нашата победа над Ерменија, Македонија утре сама си ја решава судбината за второто место, ако го победиме Исланд ќе се пласираме во бараж за Светското првенство во Катар.

На денешната прес-конференција, селекторот Благоја Милевски рече дека го скроил планот за настап на утрешниот натпревар, притисок нема, има само мотивација за успех.

„Не би рекол дека ова е најтешкиот натпревар, сите мчеви се исто тешки, не се подготвуваме поинаку од другите дуели. Секој натпревар е подеднакво важен. Тоа што имаме шанса за бараж не нè оптоварува, туку нè мотивира“, вели селекторот Благоја Милевски.

„Не чувствуваме притисок, секако дека е подобро да решаваш сам отколку да чекаш од друг. Публиката ќе ни даде ветар во грб, нејзиното присуство нема да ни создаде дополнителен притисок“.

„Мечот со Ерменија е зад нас, тоа е веќе историја. Сега очекувам сосема поинаков натпевар против Исланд, подготвени сме, се надевам дека ќе одговориме на предизвикот. Со ладни глави, но со жешки срца. Ќе дадме максимум за да победиме и да одиме во бараж“.

„ За разлика од дуелот во Рејкјавик, сега се надевам дека индивидуалните грешки ќе ги сведеме на минимум и ќе дојдеме до посакуваниот резултат. Подготвени сме за секаква игра на Исланд, имаме план и се надевам дека ќе го реализираме“. 

„Немаме проблеми со повредени играчи. Сите кои играа против Ерменија се здрави и подготвени за утрешниот натпревар“.

Натпреварот меѓу Македонија и Исланд се игра утре (недела) со почеток од 18 часот на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.

 

Извор: https://www.mkd.mk/sport/fudbal/milevski-ne-chuvstvuvame-pritisok-samo-motivacija-za-pobeda-nad-island