Пеперуга - Блаже Конески
Пеперуга
Не водиш сметка ти за моите преданија,
не сакаш ни да знаеш пред кого сум јас обврзан
во свеста и во восприемањето на светот —
ти си загрижена за својот углед и убавина.
Не те занима тебе мојата семка, од која нажалост
сè произлегува,
ниту имаш верба во посебниот пристап кон
виделото и мракот.
Што можат да ти ветат тебе моите посебни агли
на посматрање? —
Ти си уплашена за својот углед и убавина.
Од некаде извира мојот порив спрема тебе,
и не можеш ти да не ја сетиш со копнеж
свежината на таа струја,
но која бразда и да ја завлече, не се
спротивставуваш, —
препалена за угледот и убавината.
Во што ја сети тогаш длабината на оние црни
корења
што ме појат сè до спокојна сенка лете, — и дека шумолат гранките не само по волјата
на ветрот —
при таков ужасен страв?
Во што се состои твоето сакање, викам!
Застануваш како пеперуга на исушено дрво.