Демократски сојуз: Софија да ги почитува европските вредности, а не да уценува
„Меѓувладината комисија треба да се остави да работи без политички притисоци, а уцените за брзи резултати и попуштање од македонска страна за историјата и споредбите со нашите компромиси со Грција за знамето и за името се непримерни и неприфатливи”, пишува во партиското соопштение.
Демократскиот сојуз, како што додава, верува дека изнаоѓањето заеднички јазик за она што го спори официјална Софија е можно само доколку толкувањата на историските факти се ослободат од политичките митологии и шовинизми во соседна Бугарија за непостоењето на македонскиот јазик и идентитет низ историјата и ексклузивното присвојување на личностите важни за Македонија од бугарска страна.
„Гоце Делчев е апостолот на македонското револуционерно движење, а неговиот изворен идентитет е борбата за ослободување на Македонија од османлиското ропство. Историските околности на непостоење македонска држава сѐ до крајот на Втората светска војна, некоректно и ненаучно е да се користат за негирање на македонскиот идентитет.
Само со меѓусебно почитување, признание и разбирање на историскиот контекст може да се надминат вештачки наметнатите спорови. Бугарија нема да добие ништо доколку Македонците и граѓаните на Македонија се чувствуваат поразени и понижени од едностраното решение за историските спорови во полза на Софија. Европската унија е заедница на рамноправни народи и граѓани и Македонците со право очекуваат таков третман од нашите бугарски соседи”, велат од Демократскиот сојуз.